ПЕЛЕ ГО ПРЕТВОРИ ФУДБАЛОТ ВО УМЕТНОСТ И ЗАБАВА, А БРАЗИЛСКАТА ВЛАДА ГО ПРОГЛАСИ ЗА НАЦИОНАЛНО БОГАТСТВО

    ПЕЛЕ ГО ПРЕТВОРИ ФУДБАЛОТ ВО УМЕТНОСТ И ЗАБАВА, А БРАЗИЛСКАТА ВЛАДА ГО ПРОГЛАСИ ЗА НАЦИОНАЛНО БОГАТСТВОИмето на Пеле е синоним за фудбалот дури и за оние кои не го следат овој спорт (Фото: АП)

    Боби Чарлтон своевремено кажа дека фудбалот веројатно бил измислен за Пеле. Многумина го сметаат за најдобриот пример на фудбалската игра. Тој е национален херој во родниот Бразил и глобална спортска икона.

    Светот вечерва го обиколи тажната вест за смртта на 82-годишниот Пеле, кој од лани се лекуваше од рак на дебелото црево и реакциите се единствени: замина еден од најголемите во историјата на фудбалот, ако не и најголемиот.

    Едсон Арантес до Нашименто е роден на 23 октомври 1942 во Трес-Коракоеш, град во југоисточен Бразил. Во неговиот извод стои дека бил роден на 21 октомври, но Пеле кажа дека тоа не е точно. Името го добил по пронаоѓачот Томас Алва Едисон, зашто, според Пеле, нивниот дом добил струја непосредно пред неговото раѓање.

    Пеле ја освои првата од трите светски титули како 17-годишник (Фото: АП)

    Пораснал во сиромаштија во градот Бауру и рано почнал да работи во локални кафулиња. Татко му го научил да игра фудбал, но семејството не можело да си дозволи да му купи топка, па Пеле често шутирал топка од чорапи на улица.

    Прекарот Пеле го добил на училиште, иако никој не знаел што значи тоа. Пеле призна дека никогаш не си го сакал прекарот, зашто му звучел многу бебешки.

    Како тинејџер играл за бројни локални аматерски клубови, а вниманието го привлекол играјќи за младинците на Бауру. Оттаму заминал на проба во Сантос во 1956 и оставил таков впечаток што веднаш му бил понуден договор. Следната година влегол во сениорскиот тим, а само десет месеци откако го потпишал првиот професионален договор, добил повик во бразилската репрезентација. Така се најде и во тимот за Светското првенство во 1958, каде што ја освои првата од трите светски титули, постигнувајќи два гола во финалето против Шведска.

    Во следните години екипи како Реал Мадрид и Манчестер јунајтед силно се обидуваа да го доведат, но бразилската влада го прогласи за национално богатство за да спречи негов трансфер во странство.

    Ближејќи се кон 30. година, Пеле се двоумел дали да игра на СП 1970, но на крајот постигна четири гола и се прости од мундијалската сцена со уште една титула. Тој тим на Бразил се смета за еден од најдобрите на сите времиња.

    Последниот меч за Бразил го одигра на 18 јули 1971 против Југославија, додека од Сантос се прости три години подоцна, пред да игра уште малку во Њујорк Космос.

    По завршувањето на играчката кариера, Пеле остана привлечно име за спонзорите, беше амбасадор на Обединетите нации и министер за спорт во Бразил и му помогна на Рио де Жанеиро да стане домаќин на ОИ 2016.

    Името на Пеле е синоним за фудбалот дури и за оние кои не го следат овој спорт. Унгарскиот фудбалски великан Ференц Пушкаш своевремено одби да го класифицира Пеле како играч, велејќи дека тој беше над тоа.

    Бројни спортски и други познати личности вечерва се простуваат од Пеле со огромна почит.

    Пред Пеле, десетка беше само бројка. Пред Пеле, фудбалот беше само спорт. Тој промени сè. Пеле го претвори фудбалот во уметност и забава. Им даде глас на сиромашните и црните луѓе и, што е најважно, му даде видливост на Бразил. Тој замина, но неговата магија останува. Пеле е вечен“, изјави бразилската фудбалска ѕвезда Нејмар.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира