ПРЕТСТАВА ВО МНТ, ПА ВЕЧЕРА ВО МУЗЕЈОТ НА ВМРО ЗА ВИСОКИТЕ ФУДБАЛСКИ ГОСТИ НА СУПЕРКУПОТ

    ПРЕТСТАВА ВО МНТ, ПА ВЕЧЕРА ВО МУЗЕЈОТ НА ВМРО ЗА ВИСОКИТЕ ФУДБАЛСКИ ГОСТИ НА СУПЕРКУПОТОд ФФМ велат дека настанот е од неформален карактер, така што е можно некој од претседателите на клубовите да се обрати до гостите. - Дел од поставката во Музејот на ВМРО за Разловечкото востание; Претседателот на Реал Мадрид Флорентино Перес и извршниот потпретседател на Манчестер Јунајтед Ед Вудворд завчера во Лос Анџелес (Фото: Музеј на ВМРО/Реал Мадрид)

    На 7 август, вечерта пред натпреварот од Суперкупот на УЕФА помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, ќе се одржи гала вечер за македонскиот и за европскиот фудбалски врв. Во Македонскиот народен театар (МНТ) ќе има претстава, а потоа за високите фудбалски гости ќе има вечера во Музејот на ВМРО.

    Гала вечерта ни ја потврдија од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), организатор на настанот, од каде што рекоа дека претставата ја режира Дејан Пројковски, актуелен директор на МНТ.
    „Настанот е од неформален карактер, така што е можно некој од претседателите на клубовите да се обрати до гостите“, вели Златко Андоновски, портпарол на ФФМ.

    Тој немаше подетални информации за претставата што ќе се изведе за претставниците на УЕФА, претседателите на Реал Мадрид и на Манчестер Јунајтед, како и на нивните високи гости кои се дел од одредени тела на клубовите, а во кои обично членуваат репрезентативни имиња од европската фудбалска историја или од светскиот бизнис сектор, популарни личности од јавниот и уметничкиот свет.

    Околу претставата што ќе се одржи на гала вечерта, од МНТ не добиваме информации. Недостапен е режисерот Пројковски, а ниту секторот за информации на театарот, се уште нема информации околу настанот, освен тоа дека ќе има гала во МНТ на 7 август. Од Министерството за култура ни беше одговорено дека се уште немаат официјални информации за гала вечерта во МНТ.

    Европскиот шампион Реал Мадрид и победникот во Лига Европа Манчестер Јунајтед ќе допатуваат во Скопје ден пред натпреварот на 8 август и ќе бидат сместени во два скопски хотели, во кои што вообичаено престојуваат македонската и гостинските репрезентации за квалификациските и пријателските натпревари. Вечерта пред натпреварот, шпанскиот и англискиот тим треба да одржат тренинг на стадионот „Филип Втори“, па тренерите Зинедин Зидан и Жозе Мурињо, како и играчите на двата тима нема да можат да присуствуваат на гала вечерта.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира