СЕ ВРАТИЈА ПОЗНАТИ ЕВРОПСКИ ЕКИПИ НА РАКОМЕТНИОТ ТУРНИР ВО СТРУГА   

    СЕ ВРАТИЈА ПОЗНАТИ ЕВРОПСКИ ЕКИПИ НА РАКОМЕТНИОТ ТУРНИР ВО СТРУГА   Сите средства од продадени билети за турнирот, кои ќе чинат 50 денари за еден ден, ќе бидат донирани во хуманитарни цели, за Центарот за дијализа во Струга. - Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, претседателот на РК Струга, Наумче Мојсоски и Милчо Чакарески, на денешната прес-конференција (Фото:СДК.МК)

    Меѓународниот турнир во ракомет „Струга 2018“ ќе се одржи од 15 до 19 август во Струга. На турнирот ќе настапат осум екипи, поделени во две групи.

    Во првата група играат: Целје-Словенија, Бешикташ-Турција, Тулуз-Франција и Еурофарм Работник-Македонија. Во втората група ќе играат: Железничар-Србија, Констанца-Романија, Алингсас-Шведска и домаќинот Струга. За првпат во рамките на турнирот, ќе се одигра и македонскиот Супер куп за мажи, меѓу Вардар и Металург. Супер купот е закажан за 18 август.

    Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, рече дека задоволство му е што Агенцијата е покровител на турнирот на кој настапуваат две македонски екипи и шест познати странски екипи.

    „Со ова покажуваме дека ракометот е еден од најпопуларните и најуспешните спортови во Македонија“, рече директорот на Агенцијата за млади и спорт(АМС), Дарко Каевски, на денешната прес-конференција.

    Директорот на македонската ракометна репрезентација Милчо Чакарески, кажа дека Ракометната федерација (РФ) поддржува вакви настани кои придонесуваат за развој на ракометот.

    „Ја користам приликата да упатам апел до Агенцијата за млади и спорт, Струга да се поддржи инфраструктурно, да се направи затворениот пливачки базен и да се изгради спортска сала. Во Струга тренираат ракомет околу 300 момчиња и девојки“, рече Чакарески, како претставник на Ракометната федерација.

    Струшкиот турнир се одржува веќе 46 години, и тенденцијата е да се врати стариот сјај, со учество на реномирани екипи од странство.

    „Нашата заложба е овој 46-годишен турнир да го одржиме на едно достоинствено ниво. Лани учествуваа шест екипи, годинава имаме осум реномирани учесници, со кои турнирот добива на тежина. Задоволство ми е што нашата работа има резултат и што РФ и АМС го видоа тоа и се вклучија како покровители на турнирот. Овој турнир е пред сè за подигнување на популарноста на ракометот во Македонија“, рече претседателот на РК Струга и на организациониот одбор на турнирот, Наумче Мојсоски.

    Организатор на турнирот традиционално е РК Струга а покровители се Агенцијата за млади и Спорт и Ракометната федерација на Македонија.

    Како што информираа на прес-конференцијата, сите средства од продадени билети, кои ќе чинат 50 денари за еден ден, ќе бидат донирани во хуманитарни цели, за Центарот за дијализа во Струга.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира