СКИЈАЧКАТА СЕЗОНА НА ПОПОВА ШАПКА ПОЧНА САМО СО САНКАЊЕ БИДЕЈЌИ СКИ ЛИФТОВИТЕ НЕ РАБОТЕА

    СКИЈАЧКАТА СЕЗОНА НА ПОПОВА ШАПКА ПОЧНА САМО СО САНКАЊЕ БИДЕЈЌИ СКИ ЛИФТОВИТЕ НЕ РАБОТЕАГраѓанската иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“ вели дека не се обрнува доволно внимание на инфраструктурата во овој зимски центар (Фото: СДК.МК)

    Граѓанската иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“ обвинува дека надлежните од овој наш најголем зимски туристички центар не сториле ништо за нормален почеток на скијачката сезона. Велат дека Попова Шапка останала без ветените инвестиции и дека не ѝ се обрнува потребното внимание во поглед на инфраструктурата. Тие од денешната прес-конференција упатија повеќе барања до надлежните од Попова Шапка и до Владата.

    „Детаљно да се анализираат договорите со изведувачите на шестседиот ски лифт и да се преземат мерки за санкционирање поради тоа што тој сѐ уште не е довршен, редовно да се чисти паркингот, редовно да функционираат другите лифтови, да се обезбеди 24-часовно функционирање на амбулантата на Попова Шапка, поголема посветеност на Агенцијата за развој на туризмот и на Агенцијата за млади и спорт и повлекување на ЕЛЕМ АД од управувањето со Попова Шапка“, се дел од барањата на оваа граѓанска асоцијација.

    Тие исто така бараат средба со премиерот Заев за да му предочат во каква состојба се наоѓа Попова Шапка. Ако не се исполнат овие барања, тие најавуваат дека на 12 јануари ќе организираат протести и блокади на патот кон Шатка.

    „Тој што сака спас на Попова Шапка треба да дојде овде горе и да стави барем една шајка, а не само да критикува преку прес-конференции. Еве, нака се качат денеска за да видат дека сѐ функционира како треба“, вели Живе Алексовски, помошник директор на „ЕЛЕМ турс“.

    Викендов, на Попова Шапка имаше стотици посетители, кои можеа само да санкаат, бидејќи лифтовите не работеа. На дел од нив се вршеше тестирање, а другите беа вон функција поради малото количество снег на патеките.

    З. АНДОНОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари