Ентузијастите од едриличарскиот клуб „Снегар“ чии простории и поголем број од едрилиците беа уништени во големиот пожар на 21 јули, одржаа државно првенство во класата „Оптимист“ со пловилата што успеаја да ги спасат.
На државното првенство учествуваа дваесет едрилици од неколку клубови. На големо задоволство на стружани и на љубителите на едрењето струшкиот брег беше разубавен со големиот број едрилици, а основно мото на овој клуб беше.: „Ние сме тука, постоиме“.
“По пожарот што ги зафати хангарите на клубот се јавија многу организации и поединци кои сакаа да ни помогнат. Од Агенцијата за млади и спорт добивме средства за санирање на покривната конструкција, а добивме ветување дека ќе ни помогнат и околу набавката на нова опрема. Се јавија и наши пријатели едриличари од Турција, од Бодрум и други градови кои ни испратија два трупа од едрлици, но и друга опрема. Откако разбрале што ни се случи тие се организирале и веднаш ни ја пратија опремата”,„вели Лазо Ѓоргоноски претседател на едриличарксиот клуб „Снегар“.
Од управата сооштија дека и малиот Марко Милески кој заедно со својата сестра прв почна да прибира средства за помош на клубот стана член на „Снегар“.
Во пожарот на 21 јули изгореа 33 пловни објeкти, 4 мотори и 60 години документација.
Д. ЧУБРИЌ