СТОТИЦИ БИТОЛЧАНИ СО ПЛАТЕНИ КАРТИ НЕ БЕА ПУШТЕНИ НА РАКОМЕТНИОТ МЕЧ МАКЕДОНИЈА-ТУРЦИЈА

    СТОТИЦИ БИТОЛЧАНИ СО ПЛАТЕНИ КАРТИ НЕ БЕА ПУШТЕНИ НА РАКОМЕТНИОТ МЕЧ МАКЕДОНИЈА-ТУРЦИЈАМакедонската ракометна репрезентација победи со 31:27 на мечот што се играше за квалификациите за Европското првенство во 2020 што ќе се одржи во Австрија, Норвешка и Шведска (Фото: МИА)

    Поголема група битолчани вчера останале пред спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола иако имале платено влезници за да го следат натпреварот меѓу ракометните репрезентации на Македонија и Турција. Нема точна бројка колкумина станале надвор со карти в раце, но се претпоставува дека биле неколку стотици.

    Македонската репрезентација победи со 31:27 (17:13)  на мечот што се играше за квалификациите за Европското првенство во 2020 што ќе се одржи во Австрија, Норвешка и Шведска.

    „Имав купено карта и во 19 часот бев пред спортската сала. Но, вратите се затворија и останавме надвор голема група на граѓани. Сите беа со влезници. Се расчу муабет дека меѓу луѓето што останавме надвор беа и родители на ракометарите“, вели битолчанецот Борче Наумовски.

    И социјалните мрежи зовреа од коментари на битолчани кои останаа надвор.

    Ракометната федерација на Македонија на својот фејсбук профил соопшти дека ги отстапила влезниците во целост на ракометниот клуб „Пелистер“. Воедно, упати извинување до сите кои имаа обезбедено влезници, а немаа можност да присуствуваат. Во соопштението пишува дека ним влезниците ќе им бидат финансиски надоместени од РК „Пелистер“.

    Салата за време на ракометниот натпревар беше полна до последно место, посетеноста беше голема, па публиката седеше и по скалите.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира