Педесет и четиригодишниот Мајк Тајсон покажа дел од својата уништувачка сила од своите најдобри денови откако се врати во ринг по 15 години пауза за егзибицискиот меч со уште еден ветеран, Рој Џонс Џуниор.
Иако многумина очекуваа ова да биде фарса за пари, Тајсон и три години помладиот Џонс имаа импресивни моменти за време на мечот во Лос Анџелес, што судиите го прогласија за нерешен. Тајсон и Џонс боксуваа осум рунди од по две минути и двајцата го завршија мечот насмеани и без видливи повреди.
Тајсон треба да заработи 10 милиони долари од борбата и претходно најави дека сите пари ќе ги донира.
„Ова е подобро отколку вистински меч за светска титула. Ние сме хуманитарци сега, можеме да направиме нешто добро за светот. Ќе го повториме ова“, изјави Тајсон, најмладиот светски првак во тешка категорија на сите времиња.
Тајсон се повлече од боксот во 2005 година по поразот од Кевин Мекбрајд, додека Џонс продолжи да боксува и во свои 40-ти години.