Суспендиран е албанскиот фудбалер Мирлинд Даку поради навреда на Србите и Македонците, одлучи УЕФА. По мечот со Хрватска (2:2) во Хамбург на Европското првенство, Даку беше фатен на камера како зеде мегафон и од теренот вулгарно скандираше против Македонија.
Дваесет и шестгодишниот напаѓач нема да игра утре против Шпанија во третото коло и ќе го пропушти осминафиналето на ЕП, ако Албанија успее да се пласира во нокаут-фазата. Албанците имаат еден бод по првите две кола.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) претходно ги осуди постапките на Даку и побара „релевантните институции да го истражат овој инцидент и да преземат соодветни дисциплински мерки за зајакнување на стандардите на однесување што се очекуваат од сите спортисти“.
Даку вчера се извини наведувајќи ги силните емоции од играњето на Евро 2024.
„Извинувањето е машко, и чувствувам морална и професионална обврска да го сторам тоа, за сите оние кои се повредени“, рече тој во изјавата на албански јазик на социјалните мрежи. „Како и секој фудбалер, во тие моменти емоциите се на друго ниво, што може да се разбере само на теренот. Тешко е да се опише чувството да се игра за оваа репрезентација, за овие прекрасни навивачи кои ни даваат неограничена љубов“.
Албанија е вторпат на голем турнир и е бодрена од некои од најфанатичните поддржувачи видени досега за време на едномесечниот турнир во Германија.
„Извинете ако навредив некого по мечот со Хрватска, ефектот од играта си го прави своето“, додаде тој во својата објава. „Продолжувам да работам заедно со целата група за нашите соништа“.
Рускиот клуб Рубин Казан, за кој настапува Даку, исто така најави казна за својот фудбалер.