ВЕЛОСИПЕДИСТОТ ЛЕНС АРМСТРОНГ ЌЕ ПЛАТИ 5 МИЛИОНИ ДОЛАРИ, АМЕРИКАНСКАТА ВЛАДА ЌЕ ЈА ПОВЛЕЧЕ ТУЖБАТА ЗА ИЗМАМА

    ВЕЛОСИПЕДИСТОТ ЛЕНС АРМСТРОНГ ЌЕ ПЛАТИ 5 МИЛИОНИ ДОЛАРИ, АМЕРИКАНСКАТА ВЛАДА ЌЕ ЈА ПОВЛЕЧЕ ТУЖБАТА ЗА ИЗМАМА„Спогодбата ги решава обвинувањата дека Ленс Армстронг ги прекршил условите за спонзорство на неговиот тим од Поштенската служба на САД', кажа американскиот адвокат на областа Колумбија Џеси Кеј Лиу во соопштение до јавноста (Фото: АП)

    Американската влада се договори со велосипедистот Ленс Армстронг тој да плати 5 милиони долари за да се повлече тужбата за измама, во која се тврди дека тој и неговиот тим лажеле со години, соопшти денес Министерството за правда.

    Во тужбата се тврди дека Армстронг и неговиот тим редовно и систематски користеле лекови за подобрување на перформансите и дека со тоа го прекршиле договорот за спонзорство со поштенската служба на САД.

    „Спогодбата ги решава обвинувањата дека Ленс Армстронг ги прекршил условите за спонзорство на неговиот тим од Поштенската служба на САД“, кажа американскиот адвокат на областа Колумбија Џеси К Лиу во соопштение до јавноста.

    Вклученоста на Министерството за правда во случајот датира од 2013 година, кога Армстронг призна дека се допингувал. Признанието го даде во телевизиското интервју со Опра Винфри и дојде по години негирање.

    Министерството се вклучи во тужбата, која претходно ја поднесе велосипедистот Флојд Лендис, кој извести дека Армстронг користи забранети средства за да ги подобри перформансите во жалбата до владата поднесена во јуни 2010.

    Лендис, поранешен член на тимот на Армстронг, призна дека и тој се допингувал како член на тимот спонзориран од американската Поштенска служба. Лендис ќе добие 1,1 милион долари како негов дел од спогодбата, соопшти Министерството за правда.

    Со спогодбата се избегнува судењето, кое требаше да почне во мај, и кое можеше да трае со недели.

    На Армстронг му беа одземени неговите седум титули на Тур д‘ Франс, и му беше забрането да учествува на натпреварувањата во 2012 година, откако беше објавен извештајот на антидопинг агенцијата беше објавена.

    Портпаролот на Армстронг не даде коментар.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира