Најмалку 180 луѓе починаа во поплавите кои изминативе денови ја зафатија Западна Европа. Во Германија која е најпогодена од невремето досега загинаа најмалку 156 лица, вклучувајќи и четворица пожарникари. Спасувачките екипи продолжуваат да бараат исчезнати лица, па се стравува дека бројот на жртвите ќе биде поголем.
Жителите на најпогодените региони во Германија и Белгија почнаа да ги расчистуваат домовите и населбите бидејќи водата полека почна да се повлекува.
Поројни дождови вчера ја зафатија Австрија, каде делови беа поплавени. Екипите за итни случаи спасуваат луѓе од домови во австрискиот регион Салцбург, каде надојдените води ги поплавија улиците. Од Противпожарната единица соопштија дека во главниот град Виена во саботата навечер се регистрирани повеќе врнежи од дожд за еден час отколку во претходните седум недели заедно.
Европските лидери ги обвинија климатските промени за поплавите кои ги зафатија и Швајцарија, Луксембург и Холандија. Експертите велат дека поројните дождови се резултат на глобалното затоплување.