Германската канцеларка Ангела Меркел предупреди да не се зема демократијата здраво за готово, на церемонијата за одбележување на 30-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид.
„Нема толку висок ѕид кој ги радзвојува луѓето и кој ја ограничува слободата, кој не може да биде срушен“, додаде таа. Ѕидот повеќе од 28 години ги раздвојуваше Источен Берлин, кој беше под влијание на Советскиот сојуз и капиталистичкиот Западен Берлин за време на Студената војна.
Меркел преупреди дека „вредностите врз кои е основана Европа: слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото, човекови права, сите тие се сѐ освен загарантирани и мора одвреме навреме да бидат ревитализирани и одбранети“.
Канцеларката Меркел рече дека 9 ноември „ги претставува моментите на среќа и несреќа во историјата“, со оглед на тоа дека датумот потсетува на некои од најмрачните поглавја во германската историја.
Меркел кажа дека 9 ноември e датумот кога нацистите започнале прогон кон еврејската заедница во Германија во 1938, како и дека е клучен датум во раните обиди на Хитлер да ја зграби власта во 1923, и затоа, како што рече, „ 9 ноември е потсетник дека мора да се спротивставиме на омразата, расизмот и антисемитизмот.
На одбележувањето во Берлин присуствуваа претседателите на Полска, Унгарија, Чешка и Словачка, но не и лидерите на Британија, Франција, Русија и на САД кои ја имаа управата на градот поделен на 4 зони по поразот на фашизмот.