Албанската актерка Анила Биша ја тужи владата за користење на нејзиното лице и глас за креирање на аватарот за „министерка со вештачка интелигенција“ – виртуелена членка на владинот кабинет. Кога Еди Рама минатиот септември го започна својот четврти мандат како премиер на Албанија, тој исто така ја претстави виртуелната министерка генерирана од вештачка интелигенција „Диела“ – сонце на албански – за да го надгледува доделувањето владини договори како чекор во борбата против корупцијата.
Диела го прикажува лицето и гласот на Анила Биша, филмска и театарска актерка која вели дека никогаш не дала согласност нејзиниот лик да се користи на тој начин, а тоа довело до вознемирување на интернет и несакано внимание на улица.
„Прво бев изненадена, се насмеав и реков дека мора да е шега“, изјави Биша за Ројтерс. „Сега луѓето ме викаат Диела и ме сметаат за само уште една министерка на владата“.
Таа вели дека минатата година дозволила нејзиниот лик да се користи за да се создаде виртуелен асистент со вештачка интелигенција за владина веб-страница за да им помогне на граѓаните и бизнисите да добијат државни документи, но не како виртуелен политичар во тимот на премиерот.
„Луѓето кои не го сакаат премиерот, сега ме мразат и мене.“
Владата негира дека неправилно го користела нејзиниот лик. „Тужбата е бесмислена, но ја поздравуваме можноста да ја решиме еднаш засекогаш на суд“, соопшти владината прес-служба како одговор на прашањата од Ројтерс.
Јавниот имиџ на албанската влада е нарушен од декември откако специјалното обвинителство ја обвини вицепремиерката на Рама, Белинда Балуку, за мешање во тендери за инфраструктурни проекти, што таа го негира.
Сликата на Диела се појавува во првиот ред од списокот на кабинетот на веб-страницата на владата, веднаш до фотографиите на Рама и Балуку. Се очекува судот на 16 февруари да одлучи дали да ѝ наложи на владата да престане да го користи нејзиниот лик. Нејзиниот адвокат, Аранит Роши, рече дека Биша бара 1 милион евра отштета.
„Законот вели дека во случаи на повреда на лични податоци, казните за државните институции се до 21 милион евра, па затоа нашето барање за 1 милион е разумен износ“, рече тој.



