АЛБАНСКИОТ ДЕЛ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ВКЛУЧЕН ВО ЛИСТАТА НА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО НА УНЕСКО

    АЛБАНСКИОТ ДЕЛ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ВКЛУЧЕН ВО ЛИСТАТА НА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО НА УНЕСКОВо проширувањето влегоа северозападниот, албански дел од езерото, малиот полуостров Лин и појасот долж крајбрежјето што го поврзува со македонската граница

    Албанскиот дел на Охридското Езеро е додаден на листата на светско културно и природно наследство на УНЕСКО, во исто време додека на градот Охрид му се заканува одземање на ваков статус поради нелегалното градење и урбанизирањето на брегот на езерото.

    Во одлуката на УНЕСКО стои дека Охридскиот Регион на Албанија е продолжение на македонската страна на Охридското Езеро, која се наоѓа на листата од 1979 година.

    „Делот на Охридското Езеро што се наоѓа во Северна Македонија и неговата позадина, што го вклучува и градот Охрид, се наоѓаат на листата на светското културно наследство од 1979 година. Со ова проширување, локацијата сега ги и опфаќа северозападниот, албански дел од езерото, малиот полуостров Лин и појасот долж крајбрежјето што го поврзува со македонската граница. На полуостровот се наоѓаат остатоци од ранохристијанска црква изградена во средина на шестиот век, а во плитките води на езерото има присуство на остатоци од праисториски живеалишта. Неверојатен природен феномен, езерото е дом на голем број ендемски видови флора и фауна кои датираат од терцијарот“, се вели во појаснувањето на УНЕСКО.

    Ова доаѓа истиот ден кога УНЕСКО ѝ даде рок на Општина Охрид до февруари наредната година да ги спроведе препораките за заштита на своите природни богатства. На седницата на Комитетот на УНЕСКО во Баку, Азербејџан, Охрид не беше прогласен за загрозено подрачје, но на властите им е даден рок да ги исполнат барањата, односно да прогласат мораториум на секакви урбани трансформации на брегот на езерото, но и на каква било урбана трансформација.

    „До 1 февруари 2020, власта да поднесе нов извештај за зачувување на имотот, кој ќе биде разгледуван од Комитетот за светско наследство на 44. сесија во 2020 година. Доколку се утврди опасност за неговата универзална вредност, Охрид ќе се вметне на листата на Светско наследство во опасност“, заклучи Комитетот на УНЕСКО.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари