Џо Бајден изјави дека Америка повторно оди напред во својот прв говор во Конгресот, при што претстави пакет од 1.800 милијарди долари за семејства и образование, што има за цел повторно да ја обнови земјата.
Првпат во историјата на земјата, две жени седеа зад претседателот додека тој држеше говор во Конгресот, потпретседателката Камала Харис и спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси. Бајден се обрати во пресрет на неговите први 100 дена во Белата куќа, додека САД продолжуваат да се борат со пандемијата на коронавирусот.
„Поминаа 100 дена откако положив заклетва за претседател и ја наследив нацијата во криза. Најлошата пандемија во 100 години. Најлошата економска криза од Големата депресија. Најлошиот напад врз нашата демократија од граѓанската војна. Сега, по само 100 дена, можам да ѝ кажам на нацијата: Америка оди напред повторно“, рече Бајден.
Поради ковид рестрикциите, само 200 луѓе присуствуваа на говорот, главно политичари, место вообичаените 1.600.
Обраќањето се фокусираше на амбициозните економски планови на администрацијата на Бајден, кои предвидуваат најголеми вложувања од 1960-ите, велат аналитичарите. Пакетот од 1.800 милијарди долари е вториот дел од предвидените домашни реформи, кои опфаќаат инфраструктура, образование, детска грижа и друго, следен од Планот за обнона на Америка, тежок 1.900 милијарди долари. Белата куќа најави дека предлозите ќе се финансираат преку покачувањето на даноците за корпорациите и најбогатите поединци.
„Време е корпоративната Америка и најбогатите 1% да почнат чесно да го плаќаат својот дел“, рече Бајден.