АНГЛИЈА ДЕНЕСКА ГИ УКИНУВА СИТЕ КОВИД РЕСТРИКЦИИ, ЏОНСОН ПОВИКА НА ПРЕТПАЗЛИВОСТ

    АНГЛИЈА ДЕНЕСКА ГИ УКИНУВА СИТЕ КОВИД РЕСТРИКЦИИ, ЏОНСОН ПОВИКА НА ПРЕТПАЗЛИВОСТПред ноќните клубови во Британија имаше редици во пресрет на нивното отворање ноќеска на полноќ (Фото: ПА)

    Премиерот Борис Џонсон повика на претпазливост додека денеска во Англија се укинуваат речиси сите законски ограничувања воведени поради пандемијата на коронавирусот. Се отвораат ноќните клубови, нема да има ограничувања на јавни собири, а носењето маска и натаму ќе се препорачува на некои места, но нема да биде обврзувачко со закон.

    Ова се случува додека Џонсон и министерот за здравство Саџид Џавид се наоѓаат во самоизолација, а некои научници предвидуваат дека дневната бројка новозаразени во Велика Британија би можела да порасне од сегашните 50.000 на 200.000 подоцна летово. Сепак, во ситуација кога 68% од возрасното население е вакцинирано, се очекува бројот на смртни случаи, сериозни разболувања и на хоспитализации да биде значително помал во споредба со претходните бранови на заразата.

    „Сега е вистински момент да преминеме на последната фаза од отворањето на земјата. Ако не го направиме тоа сега, тогаш кога? Но, мора да останеме претпазливи. Мора да запомниме дека вирусот и натаму е тука. Бројот на нови случаи расте и можеме да ја видиме екстремната заразност на делта варијантата“, изјави Џонсон, додавајќи дека вирусот повторно ќе биде во предност кога ќе дојде постудено време.

    Ноќните клубови и големите настани ќе се охрабруваат да бараат ковид пропусници од посетителите. На сила остануваат барањата за следење на контактите и за самоизолација. Почитувањето социјална дистанца веќе не е задолжително, а носењето маска се препорачува само на местата каде што има многу луѓе, како јавен превоз.

    Велика Британија вчера регистрираше над 48.000 нови случаи на коронавирус, додека во саботата и петокот бројката беше над 50.000, за првпат од средина на јануари. Речиси 88% од возрасните во Британија имаат примено една доза од вакцината, а 68,3% се целосно имунизирани.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира