БЕЛАТА КУЌА ВЕЛИ ДЕКА РУСКАТА ИНВАЗИЈА НА УКРАИНА Е ПОЧНАТА, ЕУ ПОДГОТВИ ПАКЕТ САНКЦИИ ЗА РУСИЈА

    БЕЛАТА КУЌА ВЕЛИ ДЕКА РУСКАТА ИНВАЗИЈА НА УКРАИНА Е ПОЧНАТА, ЕУ ПОДГОТВИ ПАКЕТ САНКЦИИ ЗА РУСИЈАДенеска се протестираше пред руската амбасада во Киев (Фото: АП)

    Белата куќа почна да го нарекува распоредувањето на руските трупи во источна Украина како инвазија, откако досега избегнуваше да го користи овој термин. Претседателот Џо Бајден претходно кажа дека тоа ќе биде повод за наметнување сериозни санкции на Русија.

    Ова следува ден откако Владимир Путин ја призна независноста на самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск и нареди испраќање на руски вооружени сили во овие региони во улога на миротворци. Русија денеска кажа дека засега сепак не планира да праќа војници во источна Украина, но ќе го направи тоа во случај на закана.

    „Ние веруваме дека ова е почеток на инвазија, најнова руска инвазија на Украина. Мислиме дека токму тоа се случува“, изјави Џон Фајнер, главниот заменик-советник за национална безбедност.

    Од Белата куќа кажаа дека почнале да го користат овој термин поради случувањата на теренот.

    Со недели, западните сили предупредуваа дека Русија планира да ја нападне Украина, откако распореди 150.000 војници долж границата. Тие исто така ветија дека на тоа ќе одговорат со брзи и силни санкции.

    Велика Британија прва реагираше во тој поглед и воведе санкции против пет руски банки и тројца милијардери со блиски врски со Путин, Генади Тимченко и браќата Игор и Борис Ротенборг. Сепак, Британија засега нема да ги санкционира најголемите руски државни банки.

    Пакет санкции подготви и Европската Унија, чија цел се сите 351 пратеник кои го поддржаа признавањето, банките кои ја финансираат војската и трговијата со двата отцепени региона. Со санкциите треба да се согласат сите 27 земји-членки и дипломатите стравуваат дека Унгарија би можела да се спротивстави.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира