БУГАРИЈА ДА ГО ТРГНЕ ВЕТОТО ИЛИ ЌЕ МОРА ДА МЕ ТРПИ, ОДГОВОРИ РАМА НА БУГАРСКОТО БАРАЊЕ ДА ПАЗИ КАКО ЗБОРУВА

    БУГАРИЈА ДА ГО ТРГНЕ ВЕТОТО ИЛИ ЌЕ МОРА ДА МЕ ТРПИ, ОДГОВОРИ РАМА НА БУГАРСКОТО БАРАЊЕ ДА ПАЗИ КАКО ЗБОРУВААлбанскиот премиер Еди Рама на вчерашниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел. (Фото: ЕУ)

    Албанскиот премиер Еди Рама побара Бугарија да го тргне ветото или да биде трпелива со него, откако бугарското Министерство за надворешни работи побара тој да зборува на соодветен јазик на политичар на земја кандидат за членство во ЕУ.

    „Ох! Бугарското Министерство за надворешни работи има проблем со мојот говор! Многу точно! И јас имам едно прашање, а тоа е како Бугарија ќе ги решава билатералните прашања користејќи го процесот на проширување како средство за киднапирање на две земји членки на НАТО! Пријатели, смирете се: тргнете го ветото или или ќе ме трпите!“, објави Рама на Твитер.

    Бугарското Министерство за надворешни работи претходно ја осуди изјавата на Рама.

    „Бугарија ја бранеше европската перспектива на Албанија и почнувањето на преговорите за членство во ЕУ, дури и кога беше многу потешко од денес. Жолчните коментари на толку ниско ниво не може да бидат оправдани со карактерот и недостатокот на вештини за европска комуникација“, се вели во соопштението и се посочува и дека Софија очекува албанскиот премиер да се придржува до јазик соодветен на политичар од земја-кандидатка за членство во ЕУ.

    Рама, чија земја исто така е заложник на бугарското вето, оти интегративниот пат е во пакет со оној на Македонија, рече дека земјите од регионот ќе продолжат на патот кон ЕУ, надевајќи се дека во наредниот век ќе бидат членки, а дотогаш ќе се соочуваат со една или друга „Бугарија“ на тој пат.

    „Срамота е што една земја членка на НАТО – Бугарија, киднапира две други земји членки на НАТО – Албанија и Северна Македонија во време на жестока војна во дворот на Европа под окото на 27 земји членки кои се импотентни“, кажа вчера Рама на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Димитар Ковачевски и српскиот претседател Александар Вучиќ по самитот ЕУ- Западен Балкан.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира