ДЕЦАТА ВО НОВ ЗЕЛАНД СЕ РАЗБОЛУВААТ ПОВЕЌЕ БИДЕЈЌИ НЕ РАЗВИЛЕ ИМУНИТЕТ ПОРАДИ КОВИД МЕРКИТЕ

    ДЕЦАТА ВО НОВ ЗЕЛАНД СЕ РАЗБОЛУВААТ ПОВЕЌЕ БИДЕЈЌИ НЕ РАЗВИЛЕ ИМУНИТЕТ ПОРАДИ КОВИД МЕРКИТЕВо Нов Зеланд, затворањето на земјата минатата зима доведе до намалување од 99,9 отсто на случаите на грип и намалување од 98 отсто на РСВ. (Фото: Ројтерс)

    Новозеландските болници се соочуваат со исплата на „имунолошки долг“ создаден од карантините поради ковид-19 и болничките одделенија се преплавени со деца со потенцијално смртоносен респираторен вирус, предупредуваат тамошните доктори. Во Велингтон се хоспитализирани 46 деца со респираторни болести, вклучувајќи го вирусот РСВ. Дел од нив се новороденчиња и многу од нив се на кислородна поддршка. И другите болници ширум Нов Зеланд имаат зголемен број случаи.

    РСВ е често респираторно заболување. Кај возрасните, вообичаено предизвикува многу благи симптоми, но за малите деца може да предизвика сериозна клиничка слика, дури и смрт. Педијатри во Нов Зеланд велат дека станува збор за „имунолошки долг“, бидејќи децата не развиле имунитет на други вируси поради карантините и можно е да има сè повеќе вакви случаи.

    Епидемиологот и професор по јавно здравје Мајкл Бејкер ја користи метафората со шумски пожари: Ако поминат година или две без пожар, има многу повеќе гориво на почвата за да се хранат пламените и кога конечно ќе се случи пожар, тогаш гори многу побурно.

    „Она што го гледаме сега е дека имаме акумулирано многу подложни деца кои досега не биле изложени, па сега првпат го гледаат“, вели Бејкер.

    „Имунолошкиот долг“ се случува бидејќи мерките како карантини, миење раце, социјално дистанцирање и маски се ефективни не само за контрола на ковид-19, туку и спречуваат многу други болести кои што се пренесуваат на сличен начин, како грип, настинка и помалку познати болести како РСВ.

    Во Нов Зеланд, затворањето на земјата минатата зима доведе до намалување од 99,9 отсто на случаите на грип и намалување од 98 отсто на РСВ.

    „Позитивниот ефект на кус рок е добредојден бидејќи спречува дополнително оптоварување на здравствениот систем. Но, на долг рок може да создаде проблеми бидејќи ако бактериските и вирусните инфекции не циркулираат меѓу децата, тие нема да развијат имунитет и тоа ќе доведе до епидемии во иднина“, се вели во студијата на француски доктори од мај 2021 година.

    Според француските доктори, недостигот на имунолошка стимулација предизвикува „имунолошки долг“ кој што може да има негативни последици кога пандемијата на ковид-19 ќе биде ставена под контрола и рестриктивните мерки се укинати.

    „Колку подолго траат ваквите периоди на ниско изложување на вируси и бактерии, толку се поголеми шансите за епидемии во иднина“, се вели во студијата.

    Нов Зеланд регистрираше речиси 1.000 случаи на РСВ изминативе пет недели. Вообичаениот просек е 1.743 за време на зимската сезона, која што трае 29 недели. Зголемување на случаите има и во Австралија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира