ЕКО-АКТИВИСТИ ОКУПИРАА ШУМА КРАЈ БЕРЛИН ЗА ДА СПРЕЧАТ СЕЧА ЗАРАДИ ПРОШИРУВАЊЕ НА ФАБРИКАТА НА „ТЕСЛА“

    ЕКО-АКТИВИСТИ ОКУПИРАА ШУМА КРАЈ БЕРЛИН ЗА ДА СПРЕЧАТ СЕЧА ЗАРАДИ ПРОШИРУВАЊЕ НА ФАБРИКАТА НА „ТЕСЛА“Повеќе од 100 хектари шума треба да се исече за нови градби на „Тесла“; - Демонстрантите кампуваат на дрвја. (Фото: ДПА)

    Еколошките активисти кои протестираат против ширењето на американскиот производител на електрични автомобили „Тесла“ надвор од Берлин, велат дека планираат да ја окупираат шумата во близина на фабриката на една недела. „Колку подолго трае окупацијата, толку подобро“, изјави вчера портпаролката на иницијативата „Стоп ‘Тесла’“.

    Окупацијата на шумската област во Грунхајде во близина на Берлин започна во средата доцна навечер. Демонстрантите рекоа дека се подготвиле за подолг престој од очекуваниот. Иницијативата ги повика другите поддржувачи да го посетат кампот и да донесат дополнителни материјали како дрва, пили, опрема за качување и лежалки. Во четвртокот, околу 100 еколошки активисти, некои од нив маскирани, беа во кампот, поставувајќи куќички на дрвја неколку метри над земјата. Учесниците сакаат да спречат шумата да се сече заради проширување на „Тесла“.

    Производителот на електрични автомобили сака да изгради стоковна станица, магацини и градинка до постојната фабрика од 300 хектари. Повеќе од 100 хектари шума треба да се исече за ова.

    Полицијата не гледа причина да го растури шаторскиот камп во шумата, но продолжува да ги следи настаните. Протестот во боровата шума може да продолжи до 15 март, со полициска одлука.

    „Отворени сме за дијалог, но нема да бидеме принудени да излеземе од шумата“, рече портпаролот на протестната група.

    За попладнево беше предвидена и прошетка низ шумата во знак на протест против „Тесла“ и концерт на пијано во шумата. На прашање од медиумите, „Тесла“ сè уште не се изјасни за протестниот камп до фабриката, а ниту Општината Грунхајде. Еколошките активисти добиваат поддршка од локална граѓанска иницијатива.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира