Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган ѝ порача на Русија да не се меша во нејзината борба против сириските владини сили во провинцијата Идлиб.
„Го замолив Владимир Путин да ги остави турските сили да се борат против сирискиот режим. Ние не ги разбираме руските намери во тој регион“, кажа Ердоган на состанокот со пратениците од владејачката партија АК во Истанбул.
Тој вели дека истото му го рекол на Путин и во последниот телефонски разговор, кој се случи по сирискиот воздушен напад во четвртокот, во кој беа убиени 36 турски војници.
„Турција не бара авантура ниту сака да ја прошири својата територија, туку едноставно го заштитува својот територијален интегритет од режимот на Асад. Ако сега не ги расчистиме нашите граници од терористи, можеби подоцна ќе мора да водиме поголема војна во рамките на Турција“.
Според Ердоган, турските воени сили успеале целосно да ја пробијат блокадата на југот на Идлиб, при што биле уништени седум хемиски погони и речиси 100 тенкови и биле убиени над 2.100 сириски војници.
По последната ескалација во Сирија, Ердоган најави дека веќе нема да ги спречува сириските бегалци да одат кон Европската Унија, што ги натера Грција и Бугарија да ги засилат своите граници.
„Не сме во можност да примиме уште бегалци, но и не можеме да ги оставиме тие луѓе во немилост на режимот на Асад. Што направивме вчера? Ги отворивме вратите затоа што Европската Унија треба да се држи до своите ветувања“, кажа Ердоган.
Тој кажа дека 18.000 бегалци вчера дошле до границите на ЕУ, додавајќи дека нивниот број денеска би можел да порасне на 30.000.