Германија планира од април да го легализира канабисот, по долги расправии меѓу владејачките партии околу конечните детали и здравствената заштита.
„Законот на тој начин може да стапи на сила на 1 април. Прописите се вистинска пресвртница за модерна политика за дроги која ја зајакнува превенцијата и ја подобрува заштитата на здравјето, децата и младите“, изјавија од парламентарните групи на Социјалдемократите, Партијата на зелените и Слободните демократи (ФДП) по последната рунда разговори.
Во иднина, возрасните ќе можат да одгледуваат канабис дома и да поседуваат мали количини. Од 1 јули на клубовите ќе им биде дозволено заедничко одгледување.
Законот има за цел да го потисне црниот пазар и да го намали криминалот поврзан со дрога, да го спречи тргувањето со токсични материи и да го намали бројот на потрошувачи, рече министерот за здравство. Формално, законот треба да биде усвоен од Бундестагот во неделата почнувајќи од 19 февруари. Потоа ќе биде донесен во Бундесратот на 22 март, каде што не се очекува да има пречки.
Сепак, од 1 април, речиси е сигурно дека ќе биде укината забраната за канабис што е на сила повеќе од 40 години. Законот беше договорен лани во ноември, но имаше долги дискусии во коалицијата за заштита на младите луѓе, при што еден пратеник изрази стравување дека „луѓето буквално ќе пушат трева на секој агол“. Ефикасноста на законот треба да се ревидира во неколку фази.