Германија соопшти дека од сабота, 8 август, ќе спроведува задолжителни тестови за патниците кои доаѓаат од земји со висок ризик од ширење на ковид-19, во период кога земјата ја забележува највисоката дневна бројка на новозаболени од вирусот во изминативе три месеци. Во последните 24 часа, регистрирани се 1.045 новозаболени. На листата е и Северна Македонија, како и Црна Гора, Косово, Србија, Шпанија, Турција, БиХ.
Сите патници кои ќе се враќаат од оние земји кои владата ќе ги означи како високоризични, ќе мора да направат задолжителен тест на влегувањето во Германија, почнувајќи од сабота, рече министерот за здравство Јенс Шпан. Тестот е бесплатен. Германската влада постојано го ажурира списокот со области со висок ризик, a клучно е дали земјата во последните седум дена потврдила повеќе од 50 нови случаи на 100.000 жители.
Критичарите велат дека задолжителниот тест е во спротивност со индивидуалните слободи, а според Шпан, со ова ново правило сакаат да „играат на сигурно“. Министерот додаде дека е „многу свесен оти ова е мешање во слободата на поединецот“.
Досега, тестирањето на патниците кои доаѓаа од високоризични подрачја беше доброволно, иако некои региони во Германија бараат 14-дневна самоизолација по пристигнувањето во земјата.