ГО МОЛЕВ ДА НЕ ЛЕТА ДЕНТА, РЕЧЕ ВДОВИЦАТА НА ПИЛОТОТ НА УРНАТИОТ УКРАИНСКИ АВИОН ВО ИРАН

    ГО МОЛЕВ ДА НЕ ЛЕТА ДЕНТА, РЕЧЕ ВДОВИЦАТА НА ПИЛОТОТ НА УРНАТИОТ УКРАИНСКИ АВИОН ВО ИРАНИранската армија денеска призна дека со проектил го урнала авионот. (Фото: Гети)

    Вдовицата на пилотот на украинскиот авион што беше урнат со ирански проектил набргу по полетувањето од аеродромот во Техеран изјави дека го молела да не лета од страв дека во Иран би можела да избие војна.

    Катерина Гапоненко вели дека нејзиниот сопруг Володимир мислел дека повратниот лет од Киев во Техеран ќе биде откажан поради зголемените тензии во регионот откако во американски воздушен напад беше убиен иранскиот генерал Солејмани.

    „Го молев да не лета. Но, тој ми кажа: ‘Ако не сум јас, нема кој. Ако авионот мора да лета според распоредот, тогаш мора да летам‘. Го молев да остане“, изјави Гапоненко за „Скај њуз“.

    Сите 176 патници и членови на екипажот загинаа во несреќата (Фото: Гети)

    Володимир Гапоненко, кој зад себе имал 11.000 часови лет, управувал со кобниот авион „боинг 737-800“ за Иран на 7 јануари и наредниот ден тргнале назад, кога тој се урнал. Иранците денеска конечно признаа дека по грешка го погодиле авионот со проектил, сметајќи дека се движи кон „чувствителен воен центар“. Притоа загинаа сите 176 патници и членови на екипажот, главно Иранци и Канаѓани со иранско потекло.

    „Го молев да не лета. Но, тој ми кажа: ‘Ако не сум јас, нема кој. Ако авионот мора да лета според распоредот, тогаш мора да летам‘. Го молев да остане“, изјави Гапоненко за „Скај њуз“. (Фото: Принтскрин од видео на Скајњуз)

    Генералот на авијацијата Амир Али Хаџизадех изјави дека Иранската револуционерна гарда презема целосна одговорност за уривањето на авионот.

    „Надлежниот за проектилите дејствуваше самостојно. Тој имал десет секунди да реши дали ќе пука или не и донесе погрешна одлука. Тоа беше проектил со краток домет што експлодирал веднаш до авионот. Посакав да сум мртов кога дознав за тоа“, изјави Хаџизадех.

    Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од Иран да им суди на виновниците и да ги обесштети семејствата на жртвите.

    „Ден пред да летаат, почнаа тензиите во регионот. Не знам зошто летот не беше откажан. Не ме интересира кој е виновен, но да се дозволи овој лет, беше самоубиствена мисија“, додава Гапоненко.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира