Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ добил дозвола за изземање од вакцинација, што е услов за влез во Австралија, поради скорешна зараза со ковид-19, велат неговите адвокати во судските документи.
„Датата на првиот позитивен ПЦР тест за ковид е 16 декември“, велат тие.
Во судските документи објавени денеска, адвокатите на Ѓоковиќ велат дека 14 дена откако бил позитивен на тестот во декември, тој „немал треска или респираторни симптоми на ковид-19 во последниве 72 часа“. Претходно не беше објавено дека бил заразен со коронавирус.
На Ѓоковиќ му беше забранет влез во Австралија откако слета во Мелбурн изминатава недела за да игра на Австралијан опен. Тој ќе остане во имиграциски притвор во хотел барем до понеделник, за кога е закажана итна судска постапка која може да заврши и со негово депортирање од Австралија.
Случајот со светскиот тенисер број 1 предизвика огромни реакции во Австралија и покрена лавина коментари низ светот.
Ѓоковиќ, кој има изјавено дека е против вакцинацијата, доби медицинско изземање од вакцинирање за да игра на турнирот, а одлуката за тоа разбесни многумина обични Австралијци кои минаа стотици денови во строг карантин и без можност за патување. Но, при слетувањето, драматично му беше забранет влез во земјата.
Во средата, властите на Австралиските гранични сили кажаа дека 34-годишниот тенисер „не успеал да даде соодветни докази“ на аеродромот во Мелбурн.
Медицинското изземање на Ѓоковиќ го одобрија две независни медицински комисии органицирани од Тенис Австралија, телото што раководи со турнирот, и фередалната држава Викторија.
Не е познато колку долго Ѓоковиќ ќе остане во имиграциски притвор во хотелот, кој од бегалците затворени таму често е критикуван поради лошите услови. Србија побара Австралија да го премести во друг хотел.