Грција и Австрија ги притискаат останатите членки на Европска Унија да се воведат сертификати за вакцинирање против ковид-19, што би ѝ помогнало на туристичката индустрија на Европа ова лето.
Грција и Кипар веќе потпишаа билатерални договори со Израел, со кои ќе им се овозможи на неговите државјани да влезат во овие две земји од 1 април ако приложат доказ за вакцинација.
Од другата страна на дебатата се земји како Германија и Франција, кои се загрижени дека вакви таканаречени ковид пасоши се дискриминирачки, зашто вакцинираното малцинство би можело слободно да патува во странство додека останатите би продолжиле да се соочуваат со рестрикции. Дополнителна компликација е брзото ширење на новите варијанти на коронавирус, зашто е нејасно колку постојните вакцини се ефективни против нив.
„Дигитален сертификат воопшто не е дискриминирачки. Невакцинираните туристи исто така ќе можат да ја посетат Грција ова лето, но процедурата за нив би била побавна. Тие би требало да се тестираат и можеби да одат во изолација по пристигнувањето“, изјави грчкиот вицепремиер Акис Скерцос.
Грчкиот туризам забележа катастрофални резултати минатата година поради пандемијата, остварувајќи приход од само четири милијарди евра, дури 14 милијарди помалку отколку во 2019.
И австрискиот канцелар Себастијан Курц најави дека се залага за воведување дигитални зелени карти.
„На тој начин, преку вашите мобилни телефони, би можеле да докажете дека сте се тестирале или вакцинирале против ковид-19 или дека сте го прележале, со цел да можете слободно да патувате низ ЕУ“, изјави Курц.