Грција и Бугарија денес ги добија првите пратки со по 9.750 дози вакцини од „Фајзер“ и „БиоНтек“ против ковид-19. Тие се дел од сите земји членки на Европската Унија, кои од утре ја почнуваат вакцинацијата против коронавирусот. Вакцината се дава на два пати, што значи дозата е за по 4.875 лица.
Првите дози во Грција стигнаа утрово во магацин во Атина, преку бугарската граница. Вакцините се чуваат во специјални фрижидери, на температура помеѓу -70 и – 80 Целзиусови степени. За дистрибуцијата на вакцините во Грција е одговорно Министерството за одбрана.
Вакцината на „Фајзер“ со полициска придружба стигна утрово во Центарот за инфективни болести во Софија. Министерот за здравство Костадин Ангелов кажа дека вакцинацијата ќе почне во Софиската болница, и оти тој ќе биде прв што ќе ја прими вакцината. Приоритет ќе имаа медицински лица кои работат со ковид пациенти, како и оние кои се сместени во домови за стари лица.
Вакцините стигнаа и во Словенија и во Хрватска, а според словенечките власти, за следната недела очекуваат нова пратка од 6.825 дози. Првата вакцина во Хрватска ќе ја прими лице од дом за стари лица во Загреб.
Неколку часа пред првите дози вакцини да стигнат во Франција, француското Министерство за здравство синоќа потврди дека во земјата е откриен првиот случај на новиот сој на ковид-19, кај француски државјанин кој се вратил од Британија.