ХАМАС ПОВИКА НА ВОСТАНИЕ ОТКАКО ТРАМП ГО ПРИЗНА ЕРУСАЛИМ ЗА ГЛАВЕН ГРАД НА ИЗРАЕЛ

    ХАМАС ПОВИКА НА ВОСТАНИЕ ОТКАКО ТРАМП ГО ПРИЗНА ЕРУСАЛИМ ЗА ГЛАВЕН ГРАД НА ИЗРАЕЛПотегот на Трамп го сфаќа како објава на војна. - Исмаил Ханија (Фото: Ал Џазира)

    Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, изјави дека одлуката на САД да го признае Ерусалим за нов главен град на Израел е објава на војна против Палестинците и повика на нова Интифада, односно востание.

    Според него, Доналд Трамп со овој чин го убил израелско-палестинскиот мировен процес.

    „Оваа одлука го уби мировниот процес, го уби договорот од Осло и ги уби шансите за мирен договор. Одлуката на САД е агресија, објава на војна против нас. Треба да се покрене нова Интифада против ционистичкиот непријател. Целиот Ерусалим е наш. Се наоѓаме во критичен момент за палестинското прашање, а срцето на прашањето е Ерусалим. Ова е провокативна и неправедна одлука на американската администрација“, кажа Ханија.

    Тој ги повика сите палестински фракции да се обединат, со цел да „разработат стратегија против окупацијата и американската политика на територијата на Палестина“.

    Првите насилни протести избија во Витлеем, а палестинските власти повикаа на општ штрајк на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари