ХРВАТСКА ГО ОТВОРИ ЗА ТУРИСТИ ЈАДРАНСКОТО КРАЈБРЕЖЈЕ ИАКО КОВИД МЕРКИТЕ НЕ СЕ ПОЧИТУВААТ

    ХРВАТСКА ГО ОТВОРИ ЗА ТУРИСТИ ЈАДРАНСКОТО КРАЈБРЕЖЈЕ ИАКО КОВИД МЕРКИТЕ НЕ СЕ ПОЧИТУВААТХрватска дозволува влез на туристи со сертификат за вакцинација, со негативен ПЦР тест или кои прележале ковид-19; - Плажа во Опатија. (Фото: АП)

    Хрватска нашироко гo отвори прекрасното јадранско крајбрежје за странски туристи, и е една од првите европски земји што ги отфрлија повеќето мерки за заштита во ковид пандемијата. Расположението е релаксирано во регионот на Истра, најсеверниот дел на хрватскиот брег познат по своите плажи со камчиња, густи борови шуми, вино и деликатеси како што се тартуфи, маслиново масло, козјо сирење и пршута. Речиси никој не носи маски на улиците или во рестораните во живописниот град Ровињ. Ретко се почитуваат важечките ограничувања за јадење во затворени простории и правилата за одредено растојание меѓу масите.

    Бројот на ковид позитивни опаѓа во Хрватска, а по бавниот почеток и вакцинацијата е сè помасовна. Властите предвидуваат дека околу 50 отсто од 4 милиони жители ќе бидат целосно вакцинирани до средината на летото.

    Хрватска дозволува влез на туристи од САД, поголемиот дел од Европа и пошироко кои имаат сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест или кои прележале ковид-19. Здравствените власти ги поставија овие мерки неколку недели пред одлуката на ЕУ наскоро да се дозволи влез во блокот од 27 земји на целосно вакцинирани странски патници од земјите што се сметаат за безбедни. Хрватските туристички служби очекуваат бран на американски посетители, кога во јули ќе почнат директните летови Њујорк-Дубровник.

    Министерката за туризам, Николина Брњац вели дека нејзината земја применува строги здравствени мерки за да избегне повторување на она што се случи минатата година, кога посетителите го игнорираа дистанцирањето на плажите и во баровите, а туристичката сезона нагло заврши со тоа што Хрватска се соочи со наплив на случаи со коронавируси.

    Околу 80.000 туристички работници во земјата имаат приоритет за вакцинирање, а ќе бидат инсталирани неколку станици за ПЦР тестирање за да им се олесни на патниците да добијат резултати што можеби ќе треба да ги обезбедат кога ќе се вратат дома.

    „Наша должност е да ги обезбедиме сите предуслови за безбедно и удобно патување, како и предвидливо планирање на годишниот одмор“, вели Брњац.„Во таа смисла, Хрватска е меѓу првите, ако не и првата европска дестинација што веќе применува пошироки критериуми за туристички посети, истите оние што наскоро треба да се применат во ЕУ“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира