САД и Иран постигнаа договор за продолжување на прекинот на огнот и укинување на ограничувањата за превоз низ Ормускиот Tеснец, иако американскиот претседател Доналд Трамп сè уште не го одобрил, а иранските државни медиуми соопштија дека договорот сè уште не е финализиран.
Не е јасно колку време ќе му треба на претседателот за да донесе одлука. Според американскиот портал Аксиос, условите на договорот главно биле усогласени до 26 мај, но двете страни уште треба да добијат одобрение од највисоко ниво. Трамп, наводно, побарал неколку дена за да размисли за прифаќање на документот.
Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, синоќа изјави дека е постигнат „голем напредок“ во преговорите за продолжување на сегашниот прекин на огнот.
„Се надеваме на натамошен напредок и дека претседателот ќе може да го одобри договорот“, рече Венс но додаде дека тоа уште не се случило: „Тешко е точно да се предвиди кога или дали претседателот ќе потпише“.
Според Иран, договорот сè уште не е ни финализиран ни потврден. Ова го објави новинската агенција Тасним, блиска до Иранската револуционерна гарда, повикувајќи се на извор од преговарачкиот тим. Техеран не го информирал пакистанскиот медијатор дека текстот на договорот е финализиран. Медијаторот и јавноста ќе бидат известени кога нацртот ќе биде готов.
Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, исто така, не ги потврди извештаите за привремен договор меѓу САД и Иран, велејќи на прес-конференција дека тоа е одлука на претседателот.
Според Аксиос, ако Трамп даде согласност, рамковниот договор ќе го продолжи прекинот на огнот и ќе ги активира преговорите за нуклеарната програма на Иран. Договорот ќе опфаќа период од 60 дена. Исто така, предвидува непречен, ослободен од данок бродски сообраќај низ Ормускиот Теснец, како и укинување на американската поморска блокада на иранските пристаништа.
Според договорот, Иран ќе ги отстрани мините од теснецот во рок од 30 дена. Исто така, во принцип би се обврзал дека нема да тежи кон развој на нуклеарно оружје, што Трамп повеќепати го бараше. За возврат, САД би биле подготвени да преговараат за ублажување на санкциите и одмрзнување на иранските средства. Како дел од продлабочените преговори за иранската нуклеарна програма, треба да се одлучи и за судбината на збогатениот ураниум. Иран повеќепати изјави дека САД сакаат да го стават тој ураниум под своја контрола.
Во војната меѓу САД и Иран од 8 април во сила е прекин на огнот – во теорија. И покрај договореното примирје и тековните преговори меѓу Иран и САД, американската војска неделава двапати нападна цели во Иран. Цел биле ирански ракетни локации и бродови. Американската војска за нападите рече дека се „мерки за самоодбрана“. Иран одговори со одмазднички напади врз американски цели.



