ИЗРАЕЛ Е ОКУПАТОР, РЕЧЕ ЕРДОГАН НА ГОЛЕМИОТ ПРОПАЛЕСТИНСКИ МИТИНГ ВО ИСТАНБУЛ

    ИЗРАЕЛ Е ОКУПАТОР, РЕЧЕ ЕРДОГАН НА ГОЛЕМИОТ ПРОПАЛЕСТИНСКИ МИТИНГ ВО ИСТАНБУЛ„Ќе го прогласиме Израел за воен злосторник“, рече Ердоган на големиот митинг во Истанбул. (Фото: АП)

    Претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган им се обрати на стотици илјади поддржувачи на еден од најголемите пропалестински митинзи од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, додворувајќи се на неговата исламистичка политичка база еден ден пред стогодишнината од секуларната република во Турција.

    „Израел отворено врши воени злосторства веќе 22 дена, но западните лидери не можат ниту да го повикаат Израел на прекин на огнот, а камоли да реагираат на тоа“, изјави Ердоган на митингот во Истанбул, каде се вееја палестински знамиња. „Ќе му кажеме на целиот свет дека Израел е воен злосторник. Ние се подготвуваме за тоа. Ќе го прогласиме Израел за воен злосторник“, рече тој.

    Во едночасовниот говор, Ердоган исто така го повтори своето тврдење дека Хамас не е терористичка организација, и кажа дека Израел е окупатор.

    Израел вчера соопшти дека ги повлекува своите дипломати од Турција поради „сè поострите изјави“ од владата во Анкара. Израел претходно ги отстрани своите дипломати од Турција поради безбедносни причини. Но, израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен рече на X, поранешен Твитер, дека сега им е наредено да се повлечат за да ги преоценат врските меѓу Турција и Израел. Изјавата на Коен сугерираше потег што може да ги прекине новообновените дипломатски врски меѓу двете земји. Од турското МНР немаше веднаш одговор.

    Турција ја осуди смртта на израелските цивили предизвикани од дивеењето на Хамас на 7 октомври во јужен Израел, во кое загинаа 1.400 луѓе, но Ердоган оваа недела ја нарече палестинската милитантна група „борци за слобода“. Тој, исто така, ја критикуваше безусловната поддршка на некои западни земји за Израел, поради што доби остри прекори од Италија и Израел.

    За разлика од многу сојузници на НАТО, Европската унија и некои земји од Персискиот Залив, Турција не го смета Хамас за терористичка организација. Долго време беше домаќин на членовите на Хамас, поддржува решение за две држави и понуди да игра улога во преговорите за ослободување на заложниците киднапирани од Хамас за време на нападот на 7 октомври.

    Политичките аналитичари велат дека Ердоган сака да ја зајакне својата критика за израелското бомбардирање на Појасот Газа и да ги засени денешните прослави кои ги одбележуваат секуларните корени на Турција. Влошената хуманитарна криза во Газа и притисокот од политичките сојузници го натераа Ердоган да ја заостри својата реторика. Шефовите на сојузничките националистички и исламистички партии – кои му помогнаа на Ердоган да обезбеди победа на тесните избори во мај – присуствуваа на митингот на стариот аеродром во Истанбул. Ердоган ги критикуваше опозициските партии што не го нарекоа Нетанјаху „терорист“ и дека го користат истиот термин во врска со Хамас.

    Стогодишнината на модерна Турција се одбележува денеска, кога во насловите на весниците може да доминираат вестите за вчерашниот митинг, а не прославите на основачот на републиката, Мустафа Кемал Ататурк, велат аналитичарите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира