Илјадници демонстранти вчера се собраа пред седиштето на унгарскиот јавен медиумски сервис за да демонстрираат против, како што велат, вкоренетата пропагандна мрежа управувана од националистичката влада на сметка на даночните обврзници. Протестот беше организиран од најистакнатата унгарска опозициска фигура, Петер Маѓар, и неговата нова партија ТИСА, која во последните месеци се појави како најсериозен политички предизвик за премиерот Виктор Орбан откако тој ја презеде власта пред речиси 15 години.
Маѓар, чија партија доби речиси 30 отсто од гласовите на изборите за Европската унија ова лето и води пред владејачката партија Фидес, отворено зборува за штетата што „фабриката за пропаганда“ на Орбан ѝ ја нанела на демократијата во Унгарија.
„Она што се случува овде во Унгарија во 2024 година, и се нарекува себеси медиумски ‘јавен сервис’, е глобален скандал“, изјави Маѓар пред насобраните луѓе во Будимпешта. „Доста е од гадости, доста од лаги, доста од пропаганда. Нашето трпение истече. Дојде време за конфронтација“.
И унгарските и меѓународните набљудувачи долго време предупредуваат дека слободата на медиумите во земјата е под закана и дека партијата на Орбан со помош на деловни тајкуни поврзани со владата ги откупувала медиумите за да изгради провладина медиумска империја. Организацијата за набљудување на медиумите Репортери без граници проценува дека таквите откупувања ѝ дале на партијата на Орбан контрола на околу 80 отсто од ресурсите на медиумскиот пазар на Унгарија. Во 2021, групата го стави Орбан на својата листа на медиумски „предатори“, првиот лидер на ЕУ што ја доби оваа квалификација.