Ким Џонг-Ун се обврзал дека целосно ќе се откаже од нуклеарното оружје во заедничката декларација, што ја потпиша со Доналд Трамп на крајот на нивниот историски самит во Сингапур, кој траеше околу пет часа.
Самата декларација содржи четири клучни точки:
- САД и Северна Кореја ќе се посветат на воспоставување нови односи помеѓу двете држави, во согласност со желбите на двата народа за мир и просперитет.
- САД и Северна Кореја ќе вложат заеднички напори да изградат стабилен и долготраен мир на корејскиот полуостров.
- Потврдувајќи ја декларацијата потпишана во Панмунџом на 27 април, Северна Кореја се обврзува дека ќе спроведе целосна денуклеаризација на полуостровот.
- САД и Северна Кореја се обврзаа да ги вратат воените заробеници и посмртните останки на војниците во своите земји.
Кина го поздрави историскиот самит и повика на целосна денуклеаризација на полуостровот, со цел да се намалат тензиите во регионот.
„Фактот што двајцата лидери седнаа на иста маса за да разговараат има важно и позитивно значење и создава нова историја. Единственото решение за нуклеарното прашање е целосна денуклеаризација и во исто време да ѝ се гарантира безбедност на Северна Кореја“, изјави кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји.