Се засилуваат меѓународните напори за да се смират тензиите околу Украина, па францускиот претседател Емануел Макрон ќе има разговори во Москва, а германскиот канцелар Олаф Шолц во Вашингтон.
Русија постојано негира дека планира да ја нападне Украина, додека советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливен, денеска изјави дека инвазијата е само прашање на ден.
Пред да отпатува за Москва, Макрон телефонски разговарал со Џо Бајден заради координација. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, ја опиша посетата како многу важна, но предупреди да не се очекува многу од неа.
„Ситуацијата е пресложена за да очекуваме решавачки напредок по само една средба. Атмосферата останува многу тензична, додека САД и нивните сојузници продолжуваат да ги игнорираат безбедносните грижи на Русија“, кажа тој.
Макрон ќе се сретне со Владимир Путин, пред да продолжи за Украина. Истовремено, Шолц ќе се сретне со Бајден во Вашингтон, а потоа ќе патува во Киев и Москва на 14/15 февруари.
Во 2015, Франција и Германија посредуваа за да се постигне мировен договор за источна Украина. Потпишан во Минск, тој помогна да се спречи војна од пошироки размери, но за многумина Украинци, претставува предавство на националните интереси и тензиите во регионот останаа.