МИЛАНО, ВЕНЕЦИЈА И 16 МИЛИОНИ ЛУЃЕ ВО ИТАЛИЈА СТАВЕНИ ВО КАРАНТИН

    МИЛАНО, ВЕНЕЦИЈА И 16 МИЛИОНИ ЛУЃЕ ВО ИТАЛИЈА СТАВЕНИ ВО КАРАНТИНМилано е меѓу градовите кои ќе бидат целосно затворени до 3 април (Фото: Ројтерс)

    Италија го примени кинескиот модел и стави речиси 16 милиони луѓе во карантин за да го спречи натамошното ширење на коронавирусот, што ќе ги опфати и градовите Милано и Венеција.

    Сите кои живеат во Ломбардија и во 14 други централни и северни провинции ќе мора да добијат специјална дозвола за излегување и влегување. Затворени ќе бидат сите училишта, теретани, музеи, базени и зимски центри, а се суспендираат и сите настани на јавни и приватни простори, објави премиерот Џузепе Конте. Овие драстични мерки ќе бидат на сила до 3 април.

    Италија има најголем број случаи на коронавирус во Европа. Во последните 24 часа се пријавени уште 36 починати, со што вкупната бројка порасна на 233. Заразени се речиси 6.000 луѓе, од кои половина во Ломбардија.

    „Сфаќаме дека вакви мерки бараат жртвувања, но ние сакаме да го гарантираме здравјето на нашите жители. Ова е време кога мора да преземеме одговорност за себеси“, изјави Конте.

    Досега со мерките на карантин беа опфатени 50.000 луѓе во северна Италија, а сега се откажани сите венчавки, погреби и верски и културни настани, додека спортските натпревари ќе се играат без публика. На луѓето им се советува да не излегуваат од дома ако не е неопходно.

    Папата Фрањо претходно објави дека неговата денешна служба ќе се пренесува на интернет.

    Строгите мерки на карантин донесоа резултати во Кина, па во последните 24 часа имаше само 45 нови случаи и 27 починати, сите во Вухан.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира