Земјотрес со јачина од 6,2 ја погоди централна Италија, има најмалку 21 загинат, а многумина се затрупани под урнатините, велат италијанските власти, јави италијанската агенција АНСА.
„Пола град го нема“, вели градоначалникот на Аматриче, една од областите што е најлошо погодена.
Се стравува дека четворочлено семејство, две мали деца и родителите, загина во урнатините на нивната куќа во блискиот град Акумоли.
Земјотресот удри во 3:36 часот, на 100 километри североисточно од Рим, на длабочина од 4 километри. Уште два потреса имаше час подоцна. Некои згради во главниот град се тресеа 20 секунди. Меѓу најоштетените е градот Аматриче, каде неколкумина загинаа, а во тек се спасувачки напори да се најдат преживеани.
„Патиштата за влез и излез од градот се отсечени. Пола град го нема. Има луѓе под урнатините. Има свлечишта и мостот може да падне“, изјави за РАИ радио градоначалникот Серџо Пероци. Главната улица во градот е уништена и спасителите се обидуваат да стигнат до 6 луѓе во урната зграда. Полицијата рече дека двајца загинале во селото Пескара дел Тронто.
Италијанската Служба за цивилна заштита го опиша земјотресот како стравотен.
„Беше многу силен. Изгледаше како креветот сам да си оди низ собата сосе нас на него“ рече една жителка на Умбрија. 20-на минути по првиот земјотрес од 6,4 следеле неколку помали.
Според геосеизмичката служба на САД, штетата може да е значителна, врз основа на претходните земјотреси. Службата вели дека земјотресот удрил близу градот Норча во Умбрија, чиј пикторескен центар е популарно туристичко место. Но, градоначалникот на Норча вели дека таму нема мртви, туку дека има оштетувања на историското наследство и зградите.
Во 2009, во земјотресот со сила од 6,3 во регионот на Аквила, кој исто така се почувствува во Рим, загинаа над 300 луѓе.