НАЈМАЛКУ 6 МРТВИ ВО ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО АЛБАНИЈА, ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ИСПРАТИ ЕКИПА СО ТЕРМАЛНИ ДРОНОВИ ЗА БАРАЊЕ ПРЕЖИВЕАНИ

    НАЈМАЛКУ 6 МРТВИ ВО ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО АЛБАНИЈА, ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ИСПРАТИ ЕКИПА СО ТЕРМАЛНИ ДРОНОВИ ЗА БАРАЊЕ ПРЕЖИВЕАНИНајпогодени се Драч и Тумане, се стравува дека има многумина затрупани под урнатините. (Фото: АП)

    Најмалку 6 жртви и 300 повредени и паднати згради има во силниот земјотрес што утрово во 3.54 часот ја погоди Албанија. Се стравува дека има многумина затрупани под урнатините.

    Земјотресот со магнитуда од 6.4 степени бил со епицентар на 30 км северозападно од Тирана, на длабочина од 20 км. Бројните афтершокови беа со магнитуда од 5.1 и 5.4. Најпогодени се Драч и Тумане.

    Најмалку три станбени згради се урнати додека станарите спиеле, а спасувачките екипи работат да ги спасат затрупаните. Нема податоци колкумина се затрупани.

    Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов изјави дека ќе се упати екипа со термални дронови за да се пребаруваат урнатините за преживеани.

    „Во договор со градоначалникот на Тирана, Град Скопје кон Драч ќе упати специјална екипа опремена со термални дронови за помош при пребарувањето на преживеани под рушевините. Правиме се што е можно за помош во овие трагични моменти“, напиша Шилегов на својот фејсбук профил.

    Албанскиот престедател Илир Мета рече дека ситуацијата во Тумане, најблиску до епицентарот, е многу драматична и ја повика владата да бара меѓународна помош. Премиерот Еди Рама рече дека соседните земји и ЕУ и САД понудиле да испратат помош, а итни екипи се испратени од Косово, од Грција и Турција.

    „Утрово му се јавив на мојот колега Гент Цакај, МНР на соседна Албанија да му изразам сочувство за жртвите од ужасниот земјотрес и да го информирам дека работиме на итно испраќање на тим за пронаоѓање и спасување и соодветна машинерија. Денес сме со мислите со нашите комшии и пријатели од Албанија“, изјави на својот фејсбук профил македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира