НЕВОЗМОЖНО Е ДА СЕ ВОВЕДЕ ДИСЦИПЛИНА, ВЕЛИ ПРЕМИЕРКАТА БРНАБИЌ ДОДЕКА СРБИЈА ЈА ИМА НАЈВИСОКАТА СТАПКА НА ЗАРАЗЕНИ СО КОРОНАВИРУС НА СВЕТОТ

    НЕВОЗМОЖНО Е ДА СЕ ВОВЕДЕ ДИСЦИПЛИНА, ВЕЛИ ПРЕМИЕРКАТА БРНАБИЌ ДОДЕКА СРБИЈА ЈА ИМА НАЈВИСОКАТА СТАПКА НА ЗАРАЗЕНИ СО КОРОНАВИРУС НА СВЕТОТБрнабиќ не сака да воведе нови рестрикции и е децидна дека вакцинирањето е единственото решение за пандемијата (Фото: ЕПА)

    Полни кафулиња, ретко кој носи маска, речиси да нема рестрикции, пандемијата како да е завршена во Србија, но реалноста е дека таа моментално ја има највисоката стапка на заразени на светот. Иако располага со различни вакцини против ковид-19, вакцинацијата заглави на 40% имунизирани.

    Србија во изминатите две недели има дневен просек од околу 6.500 новозаразени, со стапка од 93,5 заразени на 100.000 жители, што е најмногу на светот. Иако мерките како носење маска во затворено и социјално дистанцирање се задолжителни, нивното почитување е личен избор.

    „Не ме загрижува вирусот, го прележав лани и не беше страшно“, вели 20-годишниот студент Марко.

    Лекарите ја советуваа владата да воведе построги мерки, вклучувајќи ковид пропусница. Премиерката Ана Брнабиќ ја отфрли оваа идеја, тврдејќи дека е речиси невозможно да се наметне дисциплина.

    „Невозможно е да се контролира кој каде влегува, како што е невозможно да се контролира носење маска во затворено. Имаме лек за ова и тоа е вакцина“, кажа Брнабиќ неодамна.

    Раде Паниќ, лидерот на лекарскиот синдикат, смета дека построги мерки не се воведуваат зашто Србија ја чекаат локални избори напролет, а и противниците на вакцинирањето имаат големо влијание.

    „Антиваксерите направија проблем, но владата не сака да се бори против него поради изборите. Пораката е дека сите сме препуштени сами на себе“, вели Паниќ.

    Србија не успеа да ги привлече младите да се вакцинираат. Според Брнабиќ, само 22% од лицата од 18 до 30 години примиле вакцина. Таа смета дека младите во Србија се поинакви и со ковид пропусница нема ништо да се постигне.

    Србија во почетокот беше еден од светските лидери во вакцинирањето, обезбедувајќи вакцини и од исток и од запад, но земјата исто така стана плодно тло за дезинформации, потпомогнато од чести корупциски скандали и недостиг на транспарентност.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира