Американски дипломати го надгледуваа потпишувањето на договорот со кој по неколку децении беа обновени комерцијални летови меѓу Србија и Косово, што има за цел да ги унапреди локалните економски односи.
Претставниците на двете држави го потпишаа писмото на намери во Берлин и советникот за национална безбедност на САД Роберт Ц. О‘Брајан кажа дека тоа е историски чин, опишувајќи ги комерцијалните авионски врски како клуч за модерна економија.
Одлуката на германската авиокомпанија „Еуровингс“ да воспостави директни авионски линии помеѓу Белград и Приштина ја поздрави и Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг
„Ова е важен чекор кој ќе го олесни и забрза протокот на луѓе и добра во регионот на Западен Балкан. Командантот на нашата КФОР мисија го задржува воениот авторитет за воздушниот простор над Косово во согласност со Резолуцијата на Советот за Безбедност на Обединетите Нации 1244. НАТО останува целосно инволвиран за време на долгорочниот процес за нормализирање на балканската авијација кој ние го водиме“, кажа Столтенберг.
Комерцијалните летови меѓу Белград и Приштина запреа пред 21 година, односно од завршувањето на крвавата војна во бившата српска покраина. Место тоа, од еден до друг град мораше да се патува пет часа по копно.
Договорот го потпишаа српскиот министер за транспорт Милун Тривунац и директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Косово, Есат Бериша.
Дваесет и петминутните летови ќе ги изведува компанијата за нискобуџетни летови „Еуровингс“, која е под капата на „Луфтханза“. Засега е нејасно кога тие би почнале.