ПОЧИНА ТОРВАЛД СТОЛТЕНБЕРГ, НОРВЕШКИОТ ПОЛИТИЧАР КОЈ ПОМОГНА ВО ВОЗОБНОВУВАЊЕ НА СКОПЈЕ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ

    ПОЧИНА ТОРВАЛД СТОЛТЕНБЕРГ, НОРВЕШКИОТ ПОЛИТИЧАР КОЈ ПОМОГНА ВО ВОЗОБНОВУВАЊЕ НА СКОПЈЕ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТСтолтенберг во 2008 година беше прогласен за почесен граѓанин на Скопје во знак на благодарност за неговите залагања за возобновување на градот по катастрофалниот земјотрес, а особено за тоа што по негова заслуга, владата на Норвешка на Скопје му ја подарила Детската клиника за белодробни заболувања( Фото: НТБ)

    На 87-годишна возраст вчера почина норвешкиот политичар и дипломат Торвалд Столтенберг, татко на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и почесен граѓанин на Скопје поради неговата помош на градот по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

    Во 2008 година на одбележувањето на 45-годишнината од катастрофалниот земјотресот, Столтенберг од тогашниот градоначалник Трифун Костовски  беше прогласен за почесен граѓанин на Скопје во знак на благодарност за неговите залагања за возобновување на градот по катастрофалниот земјотрес, а особено за тоа што по негова заслуга, владата на Норвешка на Скопје му ја подарила Детската клиника за белодробни заболувања во Козле.

    Како што јавува норвешката агенција НТБ, Столтенберг починал во неговиот дом по кратко боледување.

    Постариот Столтенберг имаше долга и истакната политичка и дипломатска кариера. Беше министер за одбрана и за надворешни работи на Норвешка, амбасадор во Обединетите нации (1989 година), Висок комесар за бегалци при Обединетите нации (1990 година). Од 1993-1996 година Столтенберг беше специјален претставник на Генералниот секретар на ОН за бивша Југославија и копретседавач на Надзорниот комитет на Меѓународната конференција за бивша Југославија.

    Столтенберг имал исклучителни заслуги за помошта што ја добил градот Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Во тоа време, Столтенберг работел како Секретар во Норвешката амбасада во Белград. После веста за земјотресот, утрото на 26 јули 1963 година, Столтенберг заедно со својот колега од Данската амбасада во Белград, веднаш заминал за Скопје. Потресен од состојбата што ја видел во градот, тој ја известил Владата во Норвешка и Црвениот Крст во Норвешка, потенцирајќи ја потребата од итна помош за настраданите од тешката несреќа. Во тоа време, Норвешкиот Црвен Крст веднаш започнал со преземање на активности за испраќање на помош за настраданото Скопје. Само еден ден по земјотресот, со транспортен авион, во Скопје биле испратени 2.300 волнени ќебиња, 80 килограми антибиотици, 250 пакети за трансфузија на крв, како и 5000 пакети за прва помош. Торвалд Столтенберг ја координирал оваа хуманитарна акција на Норвешкиот Црвен крст наменета за Скопје.

    Во деновите после земјотресот, во Скопје пристигнала норвешка делегација, составена од претставници на владата и претставници на невладини организации од Норвешка. Делегацијата, соочена со тешката состојба во којашто се наоѓало Скопје, ги согледала потребите и барањата на тогашните македонски и скопски власти. Како резултат на големата помош од норвешката и данската влада и Норвешкиот црвен Крст, во Скопје била изградена Детската болница за белодробни заболувања. Торвалд Столтенберг ги координирал работите поврзани со изградбата на оваа болница во Скопје, сè до нејзиното отворање во 1965 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира