ПОЛСКА ПРЕДУПРЕДИ НА МОЖНА ЕСКАЛАЦИЈА НА МИГРАНТСКАТА КРИЗА НА ГРАНИЦАТА СО БЕЛОРУСИЈА, ГЕРМАНИЈА ПОБАРА ПОМОШ ОД ЕУ

    ПОЛСКА ПРЕДУПРЕДИ НА МОЖНА ЕСКАЛАЦИЈА НА МИГРАНТСКАТА КРИЗА НА ГРАНИЦАТА СО БЕЛОРУСИЈА, ГЕРМАНИЈА ПОБАРА ПОМОШ ОД ЕУНа полската граница вчера имало околу 4.000 мигранти (Фото: ТАСС)

    Полска предупреди на можна вооружена ескалација на ситуацијата додека мигрантите продолжуваат да се собираат на нејзината источна граница со Белорусија. Видеоснимките покажуваат стотици луѓе покрај граничната ограда од бодликава жица, при што некои се обиделе и да ја пробијат. Полската влада распореди 12.000 војници во регионот, во очекување на доаѓањето на нови 3.000-4.000 мигранти.

    „Очекуваме да има ескалација на полската граница во блиска иднина, која би можела да биде и вооружена“, изјави портпаролот на полската влада Пјотр Милер.

    Полска и останатите земји од ЕУ ја обвинија Белорусија дека се обидува да испровоцира нова мигрантска криза во Европа и дека намерно ги пропушта мигрантите кон границата, што го опишаа како непријателска активност. Освен Полска, и Литванија и Летонија во изминатите месеци се соочија со наплив од мигранти на својата граница со Белорусија, од кои најголем дел се од Блиски Исток и Азија. Само на полската граница вчера имало околу 4.000 мигранти.

    „Воените и полициските сили успеаја да го спречат првиот масовен обид за влез во земјата“, соопшти полското министерство за одбрана, додавајќи дека мигрантите имаат постојана заштита од белоруските служби.

    Полските безбедносни служби кажаа дека очекуваат нови обиди за напад на границата од групи од стотици луѓе.

    Германија ја повика ЕУ да реагира за да се справи со сè поголемата криза.

    „Полска или Германија ништо не можат да постигнат сами. Мора да ѝ помогнеме на Полска да ги заштити нашите надворешни граници“, изјави привремениот германски министер за внатрешни работи Хорст Зехофер.

    Мигрантите се соочуваат со тешки услови на границата и поради ниските температури и досега осуммина починале од хипотермија.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира