Со блокадата на Македонија ќе се постигне да падне поддршката за ЕУ, рече албанскиот премиер Еди Рама за Бугарија, но и за другите земји-членки на ЕУ, кои користат билатерални прашања за да го блокираат процесот на проширување, објави порталот Солуција.мк. Рама денеска учествуваше на Лидерскиот состанок во Тирана, организиран од Балканскиот центар за конструктивни политики – Солуција, во соработка со Белградскиот центар за безбедносни политики и фондациите Отворено Општество и Рокфелер.
„Зошто ја блокирате Северна Македонија? За да покажете дома колку сте силни!” рече Рама заклучувајќи дека политиките на блокади се ужасни, одвратни и антиевропски: „Ова е најантиевропска политика што може да се замисли, ова е најстрашен пристап кон нашата иднина и долгорочно ова е еднакво штетно и опасно и за нив, не само за нас. Ова е лудо! Целосно лудо! Што значи ова? Дека сега за секоја земја која сака да се зачлени, може да се појави друга и да каже – а, не, прво да видиме кој беше овде прв, кога од мајмуни станавме луѓе, дали бевме ние или вие”, рече Рама и продолжи:
„Падот на поддршката кон ЕУ е резултат токму на ова срање! Национализмот ја киднапираше ЕУ и ЕУ станува жртва на националистичките пориви на земјите, една, па друга. Решението е просто – не може билатералните прашања да блокираат! А ако некоја земја сака да глуми дека некое билатерално прашање е европско, тогаш мора да има барем уште една што ќе ја поддржува. Не може 26 земји да кажат – ова е билатерално прашање, една да тврди дека е европско, и наеднаш тоа да стане европско. Наместо Бугарија да рече, добро ние имаме проблем со Северна Македонија (иако јас не им го разбирам проблемот, искрено), ама ајде да го оставиме настрана, а преговорите и трансформацијата на земјите да течат, тие блокираат. Зошто ги блокирате самите преговори? Зошто блокирате реформи? Лудо! Одвратно!”.
Рама кажа дека дека е опасно кога минатото станува повлијателно од иднината, и додаде: „Истово се случи со Константинопол, додека Грците се занимаваа дали ангелите имаат секс, султанот ги освои. Така и ние сега, се занимаваме дали ангелите имаат секс, во регион во кој баш и нема ангели, а опасностите се тука“.
На настанот, заедно со Рама зборуваа и Весела Чернева, заменичка-директор на Европскиот Совет за надворешни односи, Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Советот за регионална соработка и Даниела Шварцер, членка на француско-германската група за реформи на ЕУ, а модератор беше претседателот на Солуција, Никола Димитров.