ПОСТОЈНИТЕ КОВИД ВАКЦИНИ НЕМА ДА БИДАТ МНОГУ ДЕЛОТВОРНИ ПРОТИВ ОМИКРОН, ВЕЛИ ШЕФОТ НА „МОДЕРНА“

    ПОСТОЈНИТЕ КОВИД ВАКЦИНИ НЕМА ДА БИДАТ МНОГУ ДЕЛОТВОРНИ ПРОТИВ ОМИКРОН, ВЕЛИ ШЕФОТ НА „МОДЕРНА“Ќе бидат потребни неколку недели за да се разбере колку е сериозен новиот сој (Фото: Шатерсток)

    Шефот на „Модерна“ предупреди дека постојните ковид вакцини веројатно ќе бидат помалку делотворни против новиот сој омикрон одошто беа против сојот делта. Изјавите на Стефан Бансел ги зголемија грижите за отпорноста на вакцините, што може да доведе до зголемен број заразени и до продолжување на пандемијата.

    „Не постои свет во кој делотворноста на вакцините ќе биде иста како против делта сојот. Мислам дека ќе има значителен пад. Засега не знаеме колкав, зашто мора да почекаме дополнителни податоци, но сите научници со кои зборев не беа оптимисти“, изјави Бансел.

    Според него, ќе бидат потребни околу две недели за да се разјасни ефективноста на постојните вакцини, како и неколку месеци за да се испорачаат вакцини против новата варијанта. Научниците и СЗО кажаа дека за неколку недели ќе се разбере колку е сериозен новиот сој и дали и колку е отпорен на вакцините.

    Постоењето на омикрон беше пријавено во СЗО на 24 ноември и голем број држави веднаш ги прекинаа авионските врски со југот на Африка, каде што тој првпат бил идентификуван. И покрај тоа, случаи на зараза со омикрон веќе се детектирани во неколку држави од Европска Унија, Јапонија, Канада, Хонгконг и Австралија. Џо Бајден кажа дека САД засега нема да воведуваат строги рестрикции.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира