Од 16 мај до 20 септември, забрането е пушење на цигари, вклучувајќи и електронски цигари, не само на крајбрежјето на Римини, Италија, туку на целата плажа, дури и под чадорите за сонце. Општинската администрација одлучи да ги заостри мерките против пушење, првично воведени во 2019, со проширувањето на забраната на целата плажа. Единствени исклучоци се специјално означените места што ги обезбедуваат концесионерите. Прекршителите се соочуваат со казни од 25 до 500 евра.
„Оние што ќе сакаат да пушат, ќе можат тоа да го прават во посебно одредени зони. Сепак, цигарите ќе останат целосно забранети во спортските зони и детските игралишта“, изјави градоначалникот Џамил Садегхволд , апелирајќи на разумност.
„Ова е избор насочен кон заштита на здравјето, благосостојбата и животната средина, за плажата да се користи на почист и поодржлив начин“, додаде тој.
Уредбата на Римини опфаќа и други аспекти од животот на плажа. Правилата за домашни миленици се пофлексибилни: утринскиот термин за капење кучиња во означените зони е продолжен за 30 минути (од 6:00 до 8:30 часот), додека вечерниот термин останува непроменет (од 18:40 до 21:00 часот). Во однос на просторот, останува минималната површина од 15 квадратни метри за секој чадор за сонце (3 метри над регионалниот минимум), а се намалува на 12 квадратни метри само на најтесните делови од плажата. Целосната забрана за пластика за еднократна употреба останува во сила, додека услугите за достава се дозволени.
Киосците на плажа ќе можат да организираат настапи на диџеи од 18:30 до 23:30 часот, со исклучоци до 00:30 еднаш неделно и до 01:00 двапати во сезоната
Потегот на Римини не е изолиран случај. Во Италија нема закон што забранува пушење на плажа, но за да се спречи фрлањето отпушоци и штетата од пасивното пушење, локалните власти самостојно преземаат мерки преку посебни уредби.



