Руските власти денеска му се заканија на Западот со неконтролирана ескалација на војната и на Украина со уништување на Киев, додека западните лидери разговараа дали да ѝ дозволат на Украина да го користи нивното оружје за напади длабоко на руска територија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави доцна синоќа дека неговиот план за постигнување победа зависи од одлуката на Вашингтон, јасно укажување да користат ракети од долг дострел што Киев долго време го бара од сојузниците во НАТО.
Андриј Јермак, шеф на канцеларијата на Зеленски, деенска на апликацијата за пораки Телеграм рече: „Потребни се силни одлуки. Теророт може да се запре со уништување на воените објекти од каде што потекнува“.
Украина рече дека таквите напади се клучни за нејзините напори да ја ограничи способноста на Русија да ја нападне, но сојузниците досега не сакаа да ги дозволат, наведувајќи ги стравувањата дека Москва ќе ги третира како ескалација и сомневајќи се во нивната ефикасност.
И покрај тоа што досега не е објавена официјална одлука за ова прашање, рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков тврди дека таа веќе била донесена и доставена до Киев и дека Москва ќе мора да одговори со свои активности.
„Одлуката е донесена, карт-бланшот и сите дозволи се дадени (на Киев), така што ние сме подготвени на сè. А ние ќе реагираме на начин кој нема да биде убав“, ја цитира агенцијата РИА изјавата на Рјабков.
Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, кој сега ја извршува функцијата заменик-претседател на Советот за безбедност на земјата, рече дека Западот го тестира трпението на Русија, но тоа не е безгранично. Медведев рече дека упадот на Украина во рускиот регион Курск, за кој Зеленски рече дека е успешна операција што го забавува рускиот напредок, веќе ѝ дал формална основа на Русија да го користи својот нуклеарен арсенал. Тој рече дека Москва или на крајот може да прибегне кон нуклеарно оружје или да употреби некое од своето ненуклеарно, но сепак смртоносно ново оружје за напад од големи размери.
„И тоа би било тоа. Џиновско, сиво, стопено место наместо ‘мајката на руските градови’“, напиша тој на апликацијата за пораки Телеграм, мислејќи на Киев.
Јермак, пак, за рускиот претседател Владимир Путин рече: „Гласните закани на режимот на Путин сведочат само за неговиот страв дека на теророт може да му дојде крајот“.