РУСКАТА ИНВАЗИЈА ГО МЕНУВА СТАВОТ НА НЕУТРАЛНИТЕ ШВЕЃАНИ И ФИНЦИ, ПОДДРШКАТА ЗА НАТО НИКОГАШ ПОГОЛЕМА

    РУСКАТА ИНВАЗИЈА ГО МЕНУВА СТАВОТ НА НЕУТРАЛНИТЕ ШВЕЃАНИ И ФИНЦИ, ПОДДРШКАТА ЗА НАТО НИКОГАШ ПОГОЛЕМАФинска и Шведска кажаа дека нема да дозволат Москва да ја диктира нивната безбедносна политика (Фото: АП)

    Студената војна и следните децении не ги убедија Шведска и Финска да му се придружат на НАТО, но руската инвазија на Украина го менува расположението во двете земји.

    Анкетата што ја спроведе финската радиодифузија „YLE“ покажа дека за првпат досега, над 50% Финци го поддржуваат членството во НАТО, а според слично истражување во Шведска, оние што се „за“ првпат се побројни од противниците на идејата.

    Рускиот напад на Украина ги натера Финска и Шведска да ја прекршат својата политика на неутралност и да ја помогнат украинската војска со оружје. За Шведска, ова е прва воена помош за друга земја од 1939, кога ѝ помогна на Финска во борбата против Советски Сојуз.

    Навестувајќи промена на стратегијата кај своите скандинавски соседи, руското министерство за надворешни работи деновиве се закани дека Русија ќе биде принудена да преземе одмазднички мерки ако Финска и Шведска се придружат на НАТО. Владите на двете земји одговорија дека нема да дозволат Москва да ја диктира нивната безбедносна политика.

    Финска има долга историја на конфликти со Русија, со која дели граница долга 1.340 километри. Низ вековите, тие војувале десетици пати, последно од 1941 до 1944. По Втората светска војна, Финска разви прагматични економски и политички односи со Москва, станувајќи еден вид неутрална зона меѓу истокот и западот.

    Шведска, пак, избегнуваше воени сојузи повеќе од 200 години, по неколку векови војни со соседите.

    Финска и Шведска станаа членки на ЕУ во 1995 и потоа ја продлабочија соработката со НАТО. Финската анкета спроведена од 23 до 25 февруари вели дека 53% од жителите се за членство во НАТО, а само 28% се против. Во Шведска, односот бил 41% „за“ и 35% „против“.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира