САД ЈА ОТВОРИ АМБАСАДАТА ВО ЕРУСАЛИМ НА НАЈКРВАВИОТ ДЕН ВО ГАЗА ОД 2014, УБИЕНИ 52 ПАЛЕСТИНЦИ

    САД ЈА ОТВОРИ АМБАСАДАТА ВО ЕРУСАЛИМ НА НАЈКРВАВИОТ ДЕН ВО ГАЗА ОД 2014, УБИЕНИ 52 ПАЛЕСТИНЦИ„Голем ден за американско-израелското сојузништво“, напиша на Твитер премиерот Нетанјаху, сликајќи се пред новата амбасада на САД со Иванка Трамп и нејзинот сопруг

    Иванка Трамп, ќерката на американскиот претседател, ја отвори амбасадата на САД во Ерусалим, додека, истовремено, 52 Палестинци беа убиени во судирите со израелската војска, што е најкрвавиот ден во Газа од 2014 година.

    Палестинците протестираа со недели против одлуката на Доналд Трамп, но таканаречениот „голем марш на враќањето“ се претвори во крвопролевање на денот на свеченото отворање на новата амбасада во Ерусалим, градот за којшто двете страни сметаат дека полагаат историско право. Стотици илјади Палестинци ги напуштиле своите домови или биле избркани по основањето на израелската држава на овој ден пред 70 години.

    Трамп го поздрави чинот преку видеоврска.

    „Ова е церемонија што долго време се чекаше. Израел е суверена нација и има право сама да го избере својот главен град, но долги години ние не успевавме да го потврдиме очигледното. САД остануваат посветени на воспоставување траен мировен договор во регионот“, рече Трамп.

    Според Израел, 40.000 Палестинци излегле на протестите долж граничната ограда во Газа (Фото: АП)

    Израелската војска објави дека „40.000 Палестинци зеле учество во насилни протести на 13 локации долж безбедносната ограда во Газа“. Околу 2.400 демонстранти се повредени во нередите, што Израел ги прогласи за терористичко движење.

    „Секоја држава има обврска да ги штити своите граници. Терористичката организација Хамас се заколна дека ќе го уништи Израел и испрати илјадници да ја пробијат граничната ограда, за да ја постигне својата цел. Ќе продолжиме да ги браниме суверенитетот и нашите граѓани“, изјави премиерот Бенјамин Нетанјаху.

    Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја осуди одлуката на Трамп да ја пресели амбасадата и се понуди да биде портпарол на муслиманскиот свет на Блискиот Исток, истовремено критикувајќи ја Европа што ништо не презема.

    Америка избра да биде дел од проблемот, а не решение. Имам чувство како да се наоѓаме во годините што ѝ претходеа на Втората светска војна“, изјави Ердоган.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира