Претседателот на Франција во јули ќе ја посети Србија, а министерот за Европа и надворешни работи до крајот на годината ќе ги посети Косово и Албанија, се вели во Стратегијата на Франција за Западен Балкан, што ја објави денеска Амбасадата на Франција во Скопје.
Документот им бил презентиран на лидерите на земјите од западниот Балкан на неформалниот состанок на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон што се одржа на 29 април во Берлин на кој присуствуваше и премиерот Зоран Заев.
Франција смета дека се потребни бројни реформи за да се овозможи регионот трајно да се стабилизира. Стратегијата ги споменува политичките реформи и бројните нерешени спорови „иако Преспанскиот договор претставува значаен напредок и пример за регионален дијалог“.
Меѓу предизвиците кои стојат пред земјите од Западен Балкан се наведуваат: економски и социјални прашања, тешкотии при трајното воспоставување на владеењето на правото, безбедносни прашања и надворешни влијанија кои го пренасочуваат регионот од својата европска перспектива.
Врз основа на овие забелешки, Макрон најавил дека Франција ќе има поголем удел во стабилизирањето на шесте земји од регионот кои не се членки на Европската унија преку интензивирање на своите политички односи со земјите од регионот. Покрај посетата на Макрон на Србија и на министерот за надворешни работи на Косово и на Албанија Франција најавува и други посети на членови на Владата и пратеници, во сите земји во регионот.
Во стратегијата што им била презентирана на лидерите на шесте земји од регионот се истакнува дека Франција ќе ја зајакне својата билатерална соработка со сите земји, при што се споменува дека на 25-ти февруари бил потпишан меѓувладин договор со Србија, а другите пет договори со останатите земји се преговараат.
Помошта што Франција ќе ја дава преку овие билатерални преговори се однесува на поддршка на eкономскиот и социјален развој преку интервенција на Француската агенција за развој (АФД), како и поддршка во областите на безбедноста, правосудството и одбраната.