Нивното движење е родено од трагедија; започна со блокирање улици и факултети од страна на студентите, а прерасна во речиси секојдневни протести и во национално движење против корупцијата и владиниот немар. За нешто помалку од две години, студентите успеаја да ја урнат 14-годишната политичка доминација на Александар Вучиќ, кој вчера доживеа пораз на изборите, што прераснаа во референдум за иднината на Србија.
Во објава на социјалните мрежи, студентите порачаа: „Србија е слободна“.
Најсимболичен момент беше крајот на таканаречениот Ќациленд, шаторски камп за поддршка на Вучиќ, кој беше поставен пред 18 месеци во Пионерскиот парк спроти српскиот парламент. Металните огради синоќа беа урнати, проследени со извици „Вучиќ си заминува“.
Иако немаат очигледни лидери, ниту, пак, искуство во политиката, движењето „Студентска листа-Студентите победуваат“ привлече гласачи од сите сфери на српското општество. Истакна кандидати за сите 250 пратенички места, но меѓу нив немаше ниту еден студент, а главниот кандидат беше кардиолог Илија Срдановиќ.
Сè започна на 1 ноември 2024, кога се урна бетонска настрешница пред железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 луѓе. Оваа трагедија стана симбол на распространетата корупција и беше емотивен момент што поттикна национална кампања од маршеви и настани, предводена од студентите.
Она што започна како неделни студентски протести за барање правда набрзо прерасна во национално движење, кое често дејствуваше на локално ниво и опфати многу пошироки слоеви на српското општество, вклучувајќи земјоделци, актери и судии.
Во јануари 2025, премиерот Милош Вучевиќ поднесе оставка, но тоа не беше доволно. Во март 2025, Белград беше сведок на најголемиот антивладин протест во историјата на Србија. Како што студентското движење добиваше на сила, учесниците се организираа преку студентски собранија, односно пленуми. Кога Вучиќ минатиот месец најави предвремени избори, тие беа подготвени.
Едно е јасно по изборите: Србија нема да ја водат студентите, бидејќи тие не се ни кандидираа. Тоа беше промислена одлука, бидејќи гласачкото тело веројатно не би гласало за листа на кандидати со малку животно искуство. Ниту носителот на листата Илија Срдановиќ не се смета за веројатен кандидат за премиер.
Над 130 кандидати од листата освоија пратенички места, меѓу кои се поранешната кошаркарска ѕвезда Дејан Бодирога, актерот Тихомир Станиќ, оперскиот пејач Никола Микиќ, поранешниот гувернер на Народна банка на Србија, Дејан Шошкиќ и голем број професори.
Преку програма од 11 точки, студентското движење сака да ја искорени корупцијата преку формирање посвбна полициска единица, да ги отстрани од министерството за внатрешни работи сите службеници кои ги прекршиле правилата при постапувањето кон демонстрантите и оние што се поврзани со организираниот криминал, да ја реформира медиумска сцена во Србија и да го ослободи јавниот сервис од политичка контрола и да го запре поставувањето на партиски послушници на чело на јавните претпријатија.
Но, студентите се потивки во однос на своите меѓународни амбиции.
Како што со години правеше Вучиќ, тие ќе мора да балансираат во односите со Кина, Русија и Европска Унија. Според „Њујорк тајмс“, помеѓу Вучиќ и Студентската листа има мала разлика во однос на спорните прашања, како статусот на Косово и односот со Русија и ЕУ.



