СВЕТСКИТЕ ЛИДЕРИ СЕ СОБРАА ВО ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ И ВЕТИЈА ДЕКА ЌЕ СТОРАТ ПОВЕЌЕ ПРОТИВ ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕ

    СВЕТСКИТЕ ЛИДЕРИ СЕ СОБРАА ВО ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ И ВЕТИЈА ДЕКА ЌЕ СТОРАТ ПОВЕЌЕ ПРОТИВ ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕНа самитот учествуваат само оние држави кои имаат план за намалување на емисијата на штетни гасови (Фото: АП)

    Светските лидери еден по еден ветија во Обединети нации дека ќе сторат повеќе против глобалното затоплување пред светот да достигне нови поопасни нивоа. Младата шведска активистка Грета Тунберг во исто време им порача дека потфрлиле во борбата против климатски промени.

    „Ги украдовте моите сништа и моето детство со вашите празни зборови“, кажа 16-годишната Тунберг, чии протести пред зградата на шведскиот парламент покренаа глобално движење на младите против климатски промени.

    Над 60 светски лидери учествуваат на еднодневниот самит за климата организиран од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутиереш. Меѓу нив не е и Доналд Трамп, откако Гутиереш претходно кажа дека на самитот ќе можат да учествуваат само оние држави кои имаат план за намалување на емисијата на штетни гасови. Од исти причини ги нема и Бразил, Саудиска Арабија, Јапонија и Австралија.

    „Ова е погрешно, јас не би требала да стојам овдека. Јас би требала да сум на училиште на другата страна од океанот, а вие се осмелувате на младите да им кажете дека има надеж. Дејствувајте веднаш, ние ве следиме“, кажа Тунберг.

    Самитот се одржува само три дена откако милиони луѓе низ цел свет се приклучија на глобалниот протест против климатски промени. Исто така, во пресрет на самитот научниците предупредија дека ефектите на глобалното затоплување се забрзуваат.

    Ангела Меркел вети дека Германија ќе ги удвои средствата за борбата против глобалното затоплување на четири милијарди евра, додека Емануел Макрон кажа дека меѓународните организации се согласиле да донираат 500 милиони долари за заштита на тропските шуми.

    Пред самитот, Русија објави дека ќе му пристапи на Парискиот договор за климата.

    „Акција, акција, само акција, не смееме да дозволиме младите луѓе да бидат на улица секој петок и да протестираат“, изјави Макрон.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира