ТРАМП Е ОФИЦИЈАЛЕН РЕПУБЛИКАНСКИ КАНДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ, ГО ИЗБРА ЏЕЈ-ДИ ВЕНС ЗА ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ

    ТРАМП Е ОФИЦИЈАЛЕН РЕПУБЛИКАНСКИ КАНДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ, ГО ИЗБРА ЏЕЈ-ДИ ВЕНС ЗА ПОТПРЕТСЕДАТЕЛСенаторот од Охајо Џеј-Ди Венс е 39-годишен републиканец кој сега е во својот прв мандат во Сенатот, а во 2016 велеше „никогаш Трамп“ и го спореди со Хитлер. (Фото: АП)

    Доналд Трамп стана официјален републикански претседателски кандидат откако ги доби гласовите од доволно делегати на Националната конвенција на Републиканците (НКР) што почна денеска во Милвоки, Висконсин. Трамп со месеци беше најверојатниот кандидат. Но, гласањето на делегатите на НКР во Милвоки денеска го официјализираше.

    Трамп го достигна потребниот праг со гласовите од неговата родна држава Флорида, за изборите на 5 ноември.

    Трамп изјави дека сенаторот од Охајо Џеј-Ди Венс ќе биде негов избор за потпретседател. Тој на својата социјална мрежа Трут рече дека, „По долго размислување и размислување, и земајќи ги предвид огромните таленти на многу други, решив дека личноста која најдобро одговара да ја преземе позицијата на потпретседател на САД е сенаторот Џеј-Ди Венс од великата држава Охајо“.

    Сенаторот од Охајо Џеј-Ди Венс е 39-годишен републиканец кој сега е во својот прв мандат во Сенатот. Тој се прослави со своите мемоари, бестселерот „Елегија на селанчето“ (Hillbilly Elegy), кој беше објавен во 2016 кога Трамп првпат се кандидираше за претседател. Венс велеше „никогаш Трамп“ во 2016, беше жесток критичар на Трамп, велеше дека е „културен хероин“ за масите, споредувајќи го со Хитлер и пишувајќи дека Трамп е „опасен и неподобен за највисоката функција на нашата нација“ во текст на „Њујорк тајмс“, па се извини и ја доби поддршката на Трамп за сенатор во 2022 година. Но, до моментот кога Венс го запозна Трамп во 2021, тој го смени своето мислење, наведувајќи ги достигнувањата на Трамп како претседател. Трамп го поддржа Венс во неговата кандидатура во 2022 за Сенатот на САД, а Венс сега е еден од најжестоките сојузници на поранешниот претседател на Капитол Хил.

    По саботниот обид за атентат врз Трамп на митингот во Пенсилванија, Венс побрза да го обвини за тоа претседателот Џо Бајден. Белата куќа денеска одби да ја коменира таа изјава.

    Претседавачот со кампањата на претседателот Џо Бајден одговори на изборот на Венс за потпретседател на Трамп, велејќи дека Венс „ќе го направи она што Мајк Пенс не го направи на 6 јануари: да се преврти за да го овозможи Трамп и неговата екстремна МАГА агенда, дури и ако тоа значи кршење на законот и без оглед на штетата за американскиот народ“.

    Венс ја оспори легитимноста на кривичното гонење и граѓанските пресуди против Трамп и ги оспорува резултатите од изборите во 2020. Тој во февруари изјави за „Еј-Би-Си њуз“ дека, ако тој бил потпретседател на 6 јануари 2021, ќе им кажел на државите каде што Трамп ги оспорува победите на Бајден „дека треба да имаме повеќе избирачи и мислам дека Конгресот на САД требаше да се бори за тоа од таму“.

    „Тоа е легитимен начин да се справиме со изборите за кои многу луѓе, вклучително и јас, мислат дека имаа многу проблеми во 2020“, рече тој.

    Мини Тимараџу, претседателка на националната организација за правата на абортусот Репродуктивна слобода за сите, рече дека потпретседателскиот избор на Трамп „обезбедува уште повеќе докази дека администрацијата на Трамп нема да застане на ништо за да ги забрани сите абортуси“.

    „Не се сомневајте, Трамп го избра поради – не и покрај – неговиот вистински отпор против абортусот“, рече таа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира